| четврток, 6 декември 2018 |

Сириски бунтовници киднапирале мировници на ОН (видео)

Група вооружени лица поврзани со сириската опозиција заробиле повеќе од 20 члена на мировните сили на ОН на Голанската Висорамнина, која ги раздвојува израелските и сириските воени трупи. Советот за безбедност на ОН од нив побара итно и безусловно да бидат ослободени.

Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин рекол дека се во тек преговори со киднаперите, кои се претставиле дека се припадници на организацијата „Маченици на јармичката бригада“.

–       Немало судири, според информациите што ги добивме. Колку што разбрав, заробиле камиони во кои се превезувал персонал на УНДОФ – изјави Чуркин.

Шефот на мисијата на ОН на Голан, Ерв Ладсу, го известил Советот за безбедност за деталите во врска со киднапирањето, кое, како што рекол, го извршила група блиска на сириските бунтовници.

Киднаперите објавиле видеоснимка на „Јутјуб“ во која бараат како услов за нивно ослободување да се повлечат трупите на сирискиот претседател Башар ал Асад од околината на селото Џамла. Ако не го сторат тоа за 24 часа, киднапираните ќе ги третирале како затвореници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top