| четврток, 6 декември 2018 |

Червар: Ќе се бориме до последната капка пот

Македонскиот ракометен шампион Металург во сабота во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе го пречека тимот на Кил, од кој беа елиминирани во четвртфиналето од ланското издание на ЛШ.

Металург во четвртото коло од Лигата на шампиони влегува со три порази во низа, но како што изјавија, тие ќе дадат се од себе за да стигнат до посакуваниот резултат и конечно да ги израдуваат своите верни навивачи. Тренерот Лино Червар уште еднаш потенцираше дека стои зад процесот на менување на стратегијата и вложување во младите ракометари, од кои очекува најпрвин да израснат во добри луѓе, а потоа и во добри ракометари.

– Имаме визија во кој правец треба да се развива нашиот клуб и верувам дека се наоѓаме на вистински пат. Благодарен сум им на сите што ни даваат поддршка за реализацијата на овој наш проект. Наша цел е сите тие деца да бидат факултетски образовани, да студираат, прво да бидат добри луѓе, а потоа и добри ракометари. За да се создаде иднината на Металург можеби треба некогаш нешто да се загуби за да се добие нешто поголемо – изјави Лино Червар.

Тој уште еднаш изрази жалење што добрата игра на Металург не беше наградена со триумф во Загреб, но најави дека неговите избраници ќе дадат се од себе за да приредат изненадување против Кил.

– Како што е познато, стартот не беше успешен за нас. Искрено жалам за поразот во Загреб, каде заслуживме победа, но не би сакал повеќе да се навраќам на тој меч, погледите ги вртиме кон Кил. Без оглед во кој состав ќе истрчаме, ќе се бориме до последната капка пот, како што тоа беше случај во Загреб. Знаеме дека тие се фаворити, но ние ќе дадеме се од себе за да стигнеме до победата. Последните две резултати против Либек и Фуксе Берлин се доказ дека Кил излезе од кризата од стартот на сезоната, но ние секако влегуваме со свои сметки во овој меч. Кил има голем број на ѕвезди, а ние со поддршката од верните навивачи ќе дадеме се од себе за да му се спротивставиме на германскиот гигант – истакна Червар.

Стратегот на Металург откри дека Ренат Вугринец од вчера почнал да тренира со остатокот од тимот, што е добар знак дека десниот бек ќе може да настапи на саботниот дуел.

Искусниот Ванчо Димовски исто така најави дека ракометарите на Металург ќе дадат се од себе за да стигнат до голем триумф.

– Сите знаеме кој е Кил, за каков противник се работи, со каков квалитет располага Кил и кои се неговите амбиции секоја сезона. Ова е последен меч од овој прв циклус, пред паузата за репрезентативен настап. По овие три кола кои минаа не заслуживме да бидеме на нула бодови, но тоа е спортот. Претходно до Нова година веќе го имавме обезбедено пласманот во ЛШ, но сега од различни причини не влеговме во посакуваниот ритам. Сите со нетрпение ја очекуваме првата победа, жалиме за мечот во Загреб на кој заслуживме барем еден бод, но не стигнавме ниту до него. Мечот со Кил е идеален да покажеме добра игра и да стигнеме до резултат со кој ќе ја кренеме самодовербата пред тешкото гостување во Шпанија. Народски кажано, возот тргна, можеби не е отиден, се уште можеме да се качиме на него – изјави Димовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top