| четврток, 6 декември 2018 |

Довлев: На вистински пат сме со враќањето на младинската сцена во Театарот за деца и за млади (видео)

„Нашиот клас“ премиерата ја имаше во април годинава. Текстот е на Тадеуш Слобоѓанек, и во моментов е еден од најбараните текстови во Европа кои се поставуваат на театарските сцени. Премиерно, овој текст бил изведен на националниот театар во Лондон, а бил поставен и во Полска, Унгарија и Литванија

plakati_nasiot_klas

На 9. издание на „Јоакиминтерфест“ во Крагуевац, Србија, Тетарот за деца и младинци од Скопје со претставата „Нашиот клас“ во режија на Владдимир Милчин освои Гран-при за најдобра претстава во целина, како и награда за визуелност на сценографот Крсте Џидров и костимографката Марија Пупучевска.

Темата на „Јоакиминтерфест“ беше „Војната во нас и околу нас“. Во образложението на наградата пишува дека претставата „Нашиот клас“, чијшто режисер е Милчин, е голем школски час на драмската театарска уметност. Сите елементи на театарското дело во неа се доведени до врвот, испреплетувајќи се така и толку што се претвораат во  другото. Пред нашите очи костимот се претвора во актерска уметност, актерската уметност во архитектура, сценографијата во музика, музиката во збор, зборот во слика, сликата во мисла, мислата во глума. Ете, тоа е големото уметничко дело. Во него се вградени огромното режисерско искуство од најредок вид и автентичниот ентузијазам на младите актерки и актери, но без еуфорија, пишува понатаму за образложението за Гран-прито.

„Нашиот клас“ премиерата ја имаше во април годинава. Текстот е на Тадеуш Слобоѓанек, и во моментов е еден од најбараните текстови во Европа што се поставуваат на театарските сцени. Премиерно, овој текст бил изведен на националниот театар во Лондон, а бил поставен и во Полска, Унгарија и Литванија.

Текстот „Нашиот клас“ е објавен во 2009 година и е потресна приказна за компликуваните полско-еврејси односи во 20 век, за колективниот срам, за вистината што никому не му е потребна и за историјата на која не може да ѝ се суди, не може да се реконстуира, ниту, пак, може да се објасни. Драмата била номнирана за престижната полска книжевна нагада „Нике“ во 2010 година, Европската театарска конвенција ја рангира меѓу најдобрите современи европски драмски текстови напишани во 2009 и во 2010 година.

Во драмата се говори за трагичнио историски настан во полското село Једвабне, во кое 1941 година локалните жители на суров начин убиле 1.600 свои сограѓани Евреи, не почитувајќи ја возраста.

– Тоа што беше наша желба, да заживее младинската сцена, која подолго време беше неоправдано запоставена, ни покажа дека сме на вистинскиот пат, откако ги освоивме овие две награди од Крагуевац. Нашиот план е во една сезона да има барем по една младинска претстава на сцената на Театрот за деца и за младинци. Со оваа претстава учествувавме на фестивалот „Војдан Чернодрински“ и не освоивме ниту една награда. Учестуваме и на Младиот отворен театар. Селекторот на „Јоакиминтерфест“ дојде во Скопје, ја гледаше претставата и потоа ни го подели најголемиот комплимент. Ни рече дека ако тој би бил селектор на фестивалот во Авињон, Франција, ќе инсистирал да дојдеме и таму да учестуваме – изјави Драган Довлев, директорот на театарот, кој како актер, исто така, учестува во претставата.

joakim

Во претставата играат Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Емра Куртишова, Драган Довлев, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Мики Анчевски, Мартин Јордановски, Бојан Кирковски и Ненад Митевски.

– Во претставата сите елементи дишат заедно. Сите актери се активни од почеток до крај, без разлика дали имаат текст или не. Таа колективна посветеност беше како лајт-мотив. Ова беше еден од најубавите процеси на работа, односно посветеноста на сите што учестуваа во претставата, што ми отвора нови можности повторно да работам во овој Театар – изјави Милчин.

Тој најави повторна соработка со Театарот за деца и за младинци.

– Новата претстава што ќе ја работиме ќе покаже дека „Нашиот клас“ не беше исклучок – смета Милчин.

Довлев најави дека е можно авторот на претставата Тадеуш Слобоѓанек да дојде во Скопје и да ја погледна претставата.

– Постојано сме во комуникација со авторот. Тој требаше да дојде во јуни, но поради обврски тоа беше одложено да друг термин – рече Довлев.

За наградата за визуелност, која ја добија Џидров и Пупучевска, во образложението пишува дека тие го претвориле времето во простор. Нивното динамично сценографско и костимографско дело ја опфаќа и актерската игра – движењето и гестот на секој индивидуален актер, движењата и гестовите на актерските групи, пишува во образложението.

– Сум работел речиси со сите театри во Македонија, но првпат соработувам со Театарот за деца и за младинци и тука открив нов ресурс на актери со кои е многу благородно да се работи. Уште пред три години Милчин дојде со овој текст кај мене и долго време го разгледуваме – рече Џидров.

На РепубликаТВ може да го погледнете и видето од прес-конфренцијата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top