| четврток, 6 декември 2018 |

Не се очекува нов предлог за решение на спорот за името

nimitz Greece Macedonia

Не се очекува нов предлог за решение на спорот за името, нема ни најава за посета на Скопје и Атина од страна на медијаторот Нимиц кон крајот на октомври, можна е средба но во Њујорк, но и таа би била без конкретен предлог, вели за Република, висок дипломатски извор, во врска со шпекулациите кои се појавија на очигледно синхронизиран начин во дел од грчките и македонските медиуми.

Ваквите шпекулации кои се пуштаат преку грчките медиуми, според дипломатски извори кои инсистираа на анонимност, се дел од пошироката грчка стратегија за креирање на атмосфера за повторно купување на време во кое тие би симулирале дека имаат волја за придвижување во процесот, наспроти фактичката реална состојба во која Грција не само што е инертна, туку и отворено соопштува во дипломатските кругови дека отвореното прашање со Македонија за нив е на дното на агендата.

Нимиц е свесен за ова и иако има вистинска волја за динамизирање на процесот, држејќи го жив и отворен, не се исклучува во блиска иднина тој да ги покани на средба во Њујорк македонскиот и грчкиот претставник во разговорите, вели дипломатот за Република. Но притоа додава дека на таа средба не се очекуваат нови предлози, туку таа би била во функција исклучиво на држење под фокус на овој спор, посебно заради фактот дека западниот фактор не сака во оваа фаза да го изложува грчкиот премиер Самарас на дополнителни внатрешни проблеми.

И доколку е разбирлива улогата на грчките медиуми во бранењето на позициите на грчката влада, зачудува однесувањето на дел од македонските медиуми кои не само што се надоврзуваат на темите од грчките весници, туку и ги надградуваат и прошируваат. Најнова шпекулација е веста во опозицискиот весник „Слободен печат“ под уредништво на Бранко Геровски, во која се шпекулира за наводен нов предлог на Нимиц и за наводна содржина на предлогот. „Слободен печат“ се повикува на грчките весници како извор, а оваа вест набргу ја преземаат и ја шират сите медиуми кои се под контрола на опозицијата и Сорос фондацијата. Инаку не е прв пат оваа група на медиуми да се излетува и на ваков на чин да шпекулира на оваа тема. Последен пат еден од медиумите од оваа групација објави дека наводно прашањето на името ќе се решело во Берлин при последната посета на премиерот Груевски , а јавноста виде дека и два месеци по оваа посета прашањето е сеуште отворено, како што е отворено веќе 23 години.

Експертите кои ги консултираше Република велат дека не се изненадени од ваквото учество на дел од македонските медиуми во оваа приказна, не е прв пат, а веројатно нема да биде ни последен. Тие додаваат дека ваквите излети со непроверени информации го нарушуваат кредибилитетот и веродостојноста на медиумот кој ги пласира и дека на ваков начин се руши и довербата на јавноста во медиумот.

Прашањето за името е прашање од врвен национален и државен интерес и непринципиелно и неодговорно од наша страна би било да се впуштаме во коментари и детали околу ова прашање, да коментираме разни шпекулации, лиферувани заради различни интереси, а додека нема некој конкретен предлог за кој би ја информирале целата јавност, велат извори од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Од таму додаваат дека стојат на јавно искажаните позиции и принципи, кои се многупати повторени и познати на целата јавност, во функција на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за надминување на овој спор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top