| четврток, 6 декември 2018 |

Д-р Горан Николов: Кој е најголемиот убиец на Македонците?

Вишок килограми, покачен холестерол, триглицериди “до плафон”, проблеми со шеќер. Ова е вечната мака на голем дел од Македонците. Многумина мака мачат да ослабат и да го доведат организмот во нормала. Центарот за внатрешни болести „СРЦЕ“  почна со нова програма, хоноисхрана, со цел да се намалат ваквите проблеми, со што би се спречил и процентот на луѓе со кардиоваскуларни проблеми, убиецот број еден во светот. Доктор Горан Николов, специјалист интернист-супспецијалист кардиолог, зборува за лошите навики и за ефектите што би ги имале доколку се решиме на хроноисхрана. Вели,  ефектите се долгорочни. Не постои јојо-ефект, прво да слабеете, па да се здебелите.

 

Што значи хроноисхрана?
д-р Николов:
Основната идеја за хроноисхраната е исхрана во точно определено време. Доаѓа од грчкиот збор“хронос” што значи време. Основната идеја за режимот на исхрана по време потакнува од францускиот лекар Alain Delabosa во 1986 година. Во светот има неколку варијанти на овој начин на исхрана, меѓу кои и исхраната на Ана Гифинг, позната докторка од Белград. Ние ја имаме земено франшизата токму по нејзината модификација. Хроноисхраната во буквална смисла на зборот значи да јадете храна во одреден дел на денот.

Тоа значи нема броење калории, нема мерење на продуктите?
д-р Николов:
Кога ќе му дадете на човек диета, го ограничувате. Броењето калории, мерењето грамажа е малку фрустрирачки, психички оптоварува. Во хроноисхраната го нема тоа. Даваме во одредено време која комбинација на храна треба да се внесува. Во 24 часа треба да има три главни, темелни оброка, а најважен оброк е појадокот, кој не смее да се прескокнува. Треба да се доручкува до 10 часот. Временското растојание помеѓу оброците треба да е од четири до шест часа.

Тоа е основата, но за секој поединец се прави посебен режим на исхрана.
д-р Николов:
Да, ние имаме индивидуален пристап. Имаме софистицирани апарати. Апаратот „InBody“ прави сегментална анализа на човечкото тело – колку човекот има течност во себе, дали има задржување на течностите, дали има отоци, колку има скелетно-мускулна маса, колку има маснотии во себе, колку има маснотии околу внатрешните органи. Со тој апарат се одредува индексот на телесна маса и се одредува базалниот метаболизам. Потоа се преминува на другиот апарат за тестирање на интолеранција (неподносливост) на храна со кој прецизно се испитува кои намирници може да се искористат за создавање на енергија на клеточно ниво без штетни остатоци, а кои намирници треба да се избегнуваат. На пример, во еден период, ако не поднесувате млечни производи,истите привремено ќе се исклучат од исхраната во периодот на детоксикација, а потоа постепено ќе се врата во исхраната.

Кои луѓе ги опфаќа овој режим на исхрана? Само тие со проблеми со вишок килограми и покачени маснотии и шеќер или кој било може да се реши на хроноисхрана?
д-р Николов:
  Најчеста целна група се луѓето со прекумерна телесна тежина, луѓето со метаболен синдром, кои имаат нарушувања во метаболизамот како што се покачени маснотии, шеќер во крвта и тн. Две третини од луѓето имаат покачен холестерол, а не знаат. Луѓето кога знаат дека имаат покачен холестерол се плашат и тоа го потиснуваат, не одат на лекарски преглед. Холестеролот е тивок убиец на човечкиот организам. Не го  чувствуваме, а работи против нас. Кога ќе се јават првите симптоми, како градна болка – ангина пекторис или уште полошо мозочен удар и инфаркт на срцето, веќе е предоцна.

Може да имаме и обратен случај – на хроно исхрана може да се вклучат и луѓе што се премногу слаби и сакаат да ја покачат својата телесна тежина. И за спортистите имаме хронопрограма за да ја зголемат својата мускулна маса, да ја подобрат силата на мускулите. Кај дијабетичарите кои спроведуваат хроно исхрана доаѓа до смален потреба од дотогашните дози на инсулин. Се намалува количината на терапијата што ја примаат. Има посебен програм на хроно исхрана за хипертензија, односно покачен крвен притисок,  протокол за трудници, луѓе со малигни заболувања. Во хроно програмот лекарот препорачува одредени комбинации на витамини и антиоксиданси, минерали и аминокиселини, исклучиво според резутатите на целните дијагностички процедури. Со ови протоколи се забрзува резултатот и се овозможува траен ефект.

doktor goran srce copy (Custom)

Во Македонија имаме одредени навики, седење пред телевизор со чипс и со сок, прескокнување на појадокот, обилна вечера. Дали сме дебела нација?
д-р Николов:
Вие ги кажавте лошите навики. Да почнеме со појадокот. Веќе кажав дека тој е капиталниот оброк во текот на денот, а тој најчесто се прескокнува. Организмот треба да се задоволи со високоенергетска храна која содржи маснотии, протеини-белковини и јаглени хидрати, но и сложени шеќери. Тука влегуваат интегрален леб, жито, кое постојано го ослободува шеќерот за да не го шокирате панкреасот премногу да лачи инсулин. Со неправилна исхрана тој може да се исцрпи и полека да се забревта, да почне бавно да работи. Втора грешка е консумирањето солени ужини меѓу оброците. Постојано го мамите панкреасот да лачи инсулин. Тој се исцрпува, а треба да го зачуваме. Трета грешка е кога цел ден не јадеме, и одеднаш се прејадуваме. Доаѓате од работа уморни, седнувате пред телевизор и ги земате соленките. Седнувате, махинално грицкате и се заборавате. А тоа е море од калории… Се почнува со утринско кафе, зашеќерено или, уште полошо, со вештачки засладувач, па се додава млеко… Тоа е лошо. Според хроноисхраната не смее да се додава млеко во кафе.

Како треба да го почеме денот?
д-р Николов:
На пример, би било добро да се испие чаша млака вода со исцеден лимон. Не на екс, туку полека. Лимонот е кисел, но има базен остаток. По ова се оди со обилен оброк. Утрово јадев кајмак со неколку парчиња интегрален леб со цело жито. Добро се снабдив со масти. Сите ензими, сите хормони најмногу се лачат наутро како што се кортизолот, инсулинот и липазата. Липазата еден ензим одгворен за метаболизмот на мастите. Организмот ќе ги земе мастите, ќе ги однесе во црниот дроб а тој, нашата хемиска лабораторија, ќе ги синтетизира. Тоа е ендоген холестерол. Холестеролот, исто така, е многу битна намирница. Тој не е само штетен, учествува во градбата на сите хормони, им дава сила на мускулите. Нема клетка во човечкото тело каде што не учествува холестеролот. Тие масти што се внесени наутро  ќе се искористат во текот на денот. Но ако ги земете навечер, тоа е веќе друга приказна. Тогаш организмот се подготвува за одмор. Тогаш треба да земете само протеини, да земете бело месо, пилешко, мисиркино, бела риба со салата. Тогаш организмот ги зема тие протеини за да создаде имуноглобулини, а тие се одговорни за имунитетот кај човекот.

Македонија е една од земјите со висок процент на починати луѓе поради кардиоваскуларни проблеми. Дали лошата исхрана е причината?
д-р Николов:
Како долгогодишен интернист и кардиолог, ќе кажам дека ние ги лекуваме последиците од лошата исхрана и од погрешните навики во живот. Тука спаѓаат недоволното движење, пушењето, стресот… Сега ќе работиме со превентивната медицина. Знаете како велат, подобро да се спречи, отколку да се лекува. Метаболен синдром гледаме и кај децата. Навиката за правилна исхрана децата треба да ја здобиваат од мали. На децата, по совет на психолозите дека на возраст од две до пет години имаат најголема перцепција, со слики и интерактивна програма им се укажува која храна е добра, а која лоша. По некое време е забележано дека кај тиешто ја поминале таа програма има помал процент на гојазност.

Убиец број еден во светот се кардиоваскуларните заболувања. Потоа се малигните заболувања, па сообраќајните незгоди. Вие со лошата исхрана постојано го труете организмот, го закиселувате. Доаѓа до хронично воспаление и до дегенеративни заболувања, па дури и до малигни заболувања Тој биолошки отпад се трупа во организмот и цело време го труе.  Ние сакаме да го прекинеме тој синџир и да го вратиме организмот во нормала.

Целиот разговор во видеото на Република ТВ.


Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
Видео: Дејан Станчевски и  Жан Лековски
Монтажа: Илија Јовановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top