| четврток, 6 декември 2018 |

Охрид ќе добие четири нови луксузни хотели

охрид
На брегот од Охридско Езеро ќе се градат четири луксузни хотели кои се дел од инвестицискиот бум што се случува во Охрид во рамки на хотелскиот бизнис. Хотелскиот синџир „Смол лакшри хотелс“ веќе е дел од Охрид, а на јужната страна од брдото кај „Инекс Горица“ „Дивелоп груп“ ги почна активностите за изградба на луксузниот хотел кој ќе биде алка од овој синџир на 520 хотели кои ги има во преку 70 земји на сите континенти.

Објектот ќе биде на површина од околу 7 илјади квадратни метри со 100 соби или околу 200 легла.

Кај каналот Студенчишта компанијата „Фибула ер травел“ ќе гради луксузен хотел. Во негова близина веќе е почната градба на уште еден хотел, најверојатно со четири ѕвездички.

– Во тек е процедурата за издавање одобрение за градба на уште една инвестиција во близина на центарот на градот, односно кај каналот Студенчишта. Станува збор за компанијата „Фибула ер травел“ која има сериозни намери да изгради хотел од висока категорија, којшто ќе биде со голем капацитет и со површина од околу 25.000 квадратни метри и 400 соби, односно околу 1.000 легла. Во негова близина веќе почна со градба уште еден хотел на истата локација и според најавите на инвеститорот, ќе биде од висока класа, најверојатно со четири ѕвездички, обелодени градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Руси се заинтересирани поранешната детска болница во месноста Свети Стефан на самиот брег на езерото да ја претворат во современ хотел.

– Веќе е објавен тендер за продажба на земјиштето кај поранешната детска болница чија намена ќе биде градба на луксузен хотел. Тоа значи четири инвестиции во делот на туризмот кои ќе значат силен импулс за развој не само на туризмот туку и локалната економија – истакна градоначалникот Бакрачески.

Со сите овие инвестиции Охрид конечно ќе најде сигурно место на светската туристичка мапа и ќе одговори на барањата и на потребите на најпребирливите гости.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top