Обвинителството во Белград ќе почне истрага против седум полицајци кои го претепаа Андреј Вучиќ, братот на српскиот премиер Александар Вучиќ, пишува весникот „Блиц“.
Обвинителството се занимава со тешки кривични дела и насилство, за кои се предвидуваат казни од преку 10 години затвор, прецизира весникот.
Прво ќе бидат сослушани полицајците, а потоа и самиот Андреј Вучиќ. Изјава би требало да даде и Предраг Мали, брат на градоначалникот на Белград, како и двајца членови на обезбедувањето од силите „Кобра“, кои, исто така, беа претепани со Вучиќ за време на парадата на хомосексуалците во центарот на Белград на 28 септември.
Премиерот Александар Вучиќ изјави дека сака да верува дека инцидентот бил грешка, соопшти „Танјуг“.
Во емисијата „Тежок збор“, тој рече дека одговорните органи работат на овој случај и ќе чека да ги види резултатите од истрагата и што ќе каже обвинителството.
Андреј Вучиќ нема да се вклучи во гонењето на полицајците, рече српскиот премиер.
Вучиќ се заблагодари на повеќето граѓани на Србија, кои не се среќни на туѓата несреќа и фактот дека неговиот брат беше претепан. Премиерот истакна дека 90 проценти од полицајците се добри луѓе, кои не се занимаваат со криминал и сакаат да ја заштитат и одбранат својата земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.