Филипинската армија вчера започна обемна потрага за да ги лоцира и уништи камповите на џихадистичката група „Гураба“, која на југот на Филипините почнала да собира и обучува исламски радикали за борци во Ирак и Сирија. Воени извори за „Манила тајмс’’ изјавиле дека координатор на џихадистите е авганистански муслимански лидер Хумам Наџид, кој се бара во повеќе држави, а со месеци се крие во џунглите на југот на филипинскиот архипелаг.
Наџид, кој пред еден месец се пофалил дека и на островот Минданао започнало формирање на исламски калифат, испраќа пораки дека исламските „борци’’ под негова команда се одлично обучени за управување со оружје, правење експлозивни направи, а и тактички се добро обучени. Под негово раководство е и „Минданао движењето црно знаме’’ кое обезбедува финансиски средства со киднапирања и уцени.
Филипинскиот „Манила тајмс’’ има информации дека во камповите се наоѓаат десетици млади муслимански радикали, заведени од пропагандите на екстремистички групи што тајно делуваат на Филипините, но и во Малезија и Индонезија, дури и во Сингапур.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.