Ренато Вугринец ќе си замине од Металург на идентичен начин како и Дарко Станиќ со взаемен договор за прекин на соработката, објави словенечкиот портал „Сиол.нет“.
„Во Металург има видлива финансиска криза и можно е Вугринец да го има истиот третман како и Станиќ, односно да се радели со клубот со взаемен договор за прекинување на соработката. Ренато за кусо време стана вистински спортски симбол во Македонија, но кризата си го прави своето. Се поизвесно е дека нема да продолжи во Металург, а потврда е и неговото неиграње против Загреб“, известуваат новинарите на „Сиол.нет“.
Вугринец не играше вечерва за Металург, а сомневањата дека ќе си замине се засилија поради фактот дека десниот бек може да игра за друг клуб во Лигата на шампионите, бидејќи сезонава во новиот циклус од најсилното клупско натпреварување тој се уште нема настап за својот сегашен клуб.
Официјално според раководството на Металург, 39-годишниот бек има повреда на дланката и затоа не настапи против Мешков Брест и против Загреб. Во првата рунда со ПСЖ во Скопје, Вугринец немаше право да игра поради суспензијата од ЕХФ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.