-Со задоволство можам да констатирам дека целиот тим кој што учествуваше во оваа исклучително напната ситуација одигра одлична улога и беше на ниво на задачата. Тука имаше огромен број на луѓе, 60-тина, 70-тина луѓе беа вклучени на различни нивоа и со различни луѓе. Некои беа од Министерството за здравство, докторите од Инфективна клиника на чело со директорот Ѕвонко Миленковиќ, Институтот за патологија, Министерството за внатрешни работи, припадниците на полицијата кои што беспрекорни си ја завршија работата. Така што целиот систем функционираше како едно, согласно протоколот, без посериозни проблеми во функционирањето- посочи министерот за здравство Никола Тодоров, кој оцени дека целата операција околу утврдувањето на вистината дали се работи за опасната пренослива болест ебола или не, по смртта на британскиот граѓанин кој со симптоми слични на ебола почина пред неколку дена во Скопје, била завршена беспрекорно и навремено.
Тој за дневникот на Јавниот сервис упати апел до граѓаните на Македонија кои патуваат во странство дека во ваква ситуација максимално сериозно да се сфатат препораките од Министерството за здравство.
-Тие препораки се со цел некое заболување да не се шири, односно да се преземат мерки кои што се соодветни за спречување на ширење на било која болест. Тоа што е препорака е секогаш граѓаните да се држат стриктно и до збор на сите оние препораки кои што се давани од здравствените власти. Секоја импровизација или носење на одлуки на своја рака може да биде погубна. Ние сме сведоци во изминатиот период кога пациенти биле враќани со определени тегоби а по неколку дена било констатирано дека имале ебола, па потоа починаа. Тоа е сериозно опасно и може да направи штета на целото општество и да загрози живот на огромен број на граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.