| четврток, 6 декември 2018 |

Алонсо: Секоја чест за Манчестер, нè притиснаа и со играч помалку

Секоја чест за Манчестер јунајтед. Нè притиснаа во финишот од натпреварот иако имаа фудбалер помалку, вели Чаби Алонсо, дефанзивецот на Реал Мадрид. „Кралевите“ победија со 2-1 и го елиминираа англискиот претставник, а клучен момент беше исклучувањето на Нани, при водство на Манчестер јунајтед од 1-0.

– Не би го коментирал тој момент. Тоа е тешка одлука за секој судија. Меѓутоа, мора да знаете дека во таква ситуација тешко се игра иако противникот има играч помалку. Често се случува екипите и по исклучувањето да бидат покомпактни и поефектни. Ние одигравме фантастични 20 минути, дадовме два гола и потоа се повлековме. Им честитам на фудбалерите на Манчестер јунајтед, одиграа машки и опасно нè притиснаа во финишот – изјави Алонсо.

Дефанзивниот дел кај Реал не функционираше добро цел час. Манчестер поведе по двете кардинални грешки на Варан и на Рамос, кој даде автогол, но пресврт се случи по глупавиот потег на Нани. Крилото на домаќинот несмасно стартуваше со отворен ѓон врз Арбелоа и доби директен црвен картон. Модриќ со фантастичен гол и Роналдо со нов погодок, во период од само 3 минути, го свртеа резултатот во корист на Реал Мадрид.

– Ова беше исклучително значаен меч за Реал. Двапати за краток рок ја победивме Барселона, сега го елиминиравме и Манчестер во Лигата на шампионите, што носи многу поведра атмосфера во клубот – додаде Алонсо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top