| четврток, 6 декември 2018 |

Горбок: Победа против Рајн-Некар ќе значи пласман на првите две места во групата

Новото засилување на РК Вардар за оваа сезона, репрезентативниот бек на руската ракометна репрезентација Сергеј Горбок, смета дека ова е најважниот натпревар за неговиот тим оваа сезона во групата Ц и затоа европската куќа на ракометот со право го прогласи за натпревар од колото. Освојувањето на бодовите во Скопје ќе значи голем чекор кон врвот на табелата иако до крајот остануваат уште многу натпревари. Тој минатата сезона беше дел од тимот на Рајн-Некар Левен и добро го познава  неделниот противник на Вардар.

– На тренинзите работиме максимално концетрирано. Ги познавам повеќето од играчите и на тренинг разговараме за нивните доблести и мани – изјави Горбок на прес-конференцијата во пресрет на натпреварот в недела.

Позитивен, секогаш насмеан и расположен за разговор, рускиот џин е убеден во победата над „лавовите“.

– Тие се многу добра екипа. Имаат фантастични поединци, но одлично соработуваат како колектив. Ние функционираме како едно семејство со одличен тренер и имаме предност. Играме во нашиот нов дом СЦ „Јане Сандански“ и ја имаме фантастичната публика и „Комитите“, затоа секогаш одиме на победа – додаде Горбок.

Raul Gonsales (Custom)

Тренерот Раул Гонзалес предупреди дека во Скопје доаѓа една од најдобрите европски екипи.

– Рајн-Некар Ловен е на самиот европски врв. Тие минатата година во последното коло ја испуштија титулата во Германија. Таму се игра најсилен ракомет. Знаеме кои се нивните квалитети и ќе се обидеме да го сопреме нивното најсилно оружје, контранападот. Во Скопје секогаш ќе одиме на победа. Многу ќе ни значи поддршката од трибините која на секој меч безрезервно ја добиваме. В недела ќе присуствуваме, можеби, на најубавата ракометна претстава. Честа е голема бидејќи овој меч е прогласен за натпревар на колото – изјави Раул Гонзалес.

Натпреварот в недела во СЦ „Јане Сандански“ е со почеток од 19.30 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top