– Воведувањето испит за проверка на знаењето за студентите на факултетите засега е само идеја. Со широка дебата треба да се утврди дали за тоа има потреба, и доколку има, на кој начин да се направи тоа, а да не се загрози Болоњскиот систем и да не се наруши автономијата на универзитетите – истакна денеска министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.
Додаде дека и кога го најавил испитот за тестирање на знаењето на факултетите посочил дека тоа е само идеја, која треба да отвори дебата за потребата и потоа за начинот на кој може да се спроведе.
– Во ниту еден момент МОН и јас како министер нема да преземеме никакви чекори без да се дебатира, без да се вклучи академската заедница односно универзитетите. Тоа нема да биде решение, кое може да го загрози прво Болоњскиот систем, а потоа и автономијата на универзитетите. Далеку од тоа. Ниту размислуваме за такви решенија. Меѓутоа драго ми е што сите дебатираат за оваа тема, особено академската заедница и тие што се најзасегнати по ова прашање, студентите – рече Адеми одговарајќи на новинарски прашања на одбележувањето на јубилејот на СЕЕФОРМ.
Отворањето на прашањето за тоа во кои студентски години би можел да се воведе таков испит, нагласува тој, е предложената идеја, со оглед на тоа што во согласност со болоњскиот процес е конципиран на 3+2 студии.
Ги повика сите да дадат свои размислувања, како што рече, без да се плашат за тоа што ќе го кажат јавно, затоа што Македонија е демократска држава, а МОН ќе ги прифати сите размислувања.
– Повторувам сега засега ова е само идеја, немаме законско решение – додаде министерот за образование и наука.
Додаде дека ќе го исполни тоа што го ветил на интеруниверзитетската конференција, односно дека за сите измени во Законот за високото образование ќе се дебатира на тоа тело, затоа што смета дека тој орган е многу битен за донесување каква било одлука што се однесува на високото образование.
За идејата државен испит за проценка на знаењата на студентите ги информирал и претставниците на студентските парламенти и им ветил дека во дебатата и изработувањето решение ќе бидат вклучени сите засегнати страни, особено студентите.
Одговарајќи на новинарско прашање дали токму неквалитетот за кој говорат одредени професори од високото образование и евентуалната потреба за контрола е резултат на дисперзираните студии, истакна дека не се согласува дека државните универзитети немаат квалитет.
– Со воведувањето на државниот испит ви гарантирам дека државните универзитети воопшто нема да бидат загрозени. Дисперзираните студии се во состав на државните универзитети. Доколку како Министерство и Влада оцениме дека паѓа квалитетот на високото обрзование заради дисперзираните студии тогаш тие можат да се укинат. Тоа не е грев – рече министерот Адеми.
Додаде дека сѐ што е во функција на поквалитетно високо образование ќе биде направено, но, како што рече, во соработка со универзитетите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.