Евроамбасадорот Аиво Орав денеска во Собранието се сретна со пратеничките од опозицијата, Солза Грчева, Роза Топузовска-Каревска и со Љубица Буралиева за да им го врачи годишниот извештај за напредокот на Македонија во евроинтеграциите.
– Верувам дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе соберат сили за политички дијалог и овие совети ќе допрат до опозициските пратеници и дека опозицијата ќе се врати во парламентот – истакна пратеничката Грчева.
Според неа, извештајот е негативен и бележи назадување на напредокот на Македонија, но тој треба да биде моментно отрезнување на сите субјекти на кои се однесува, на Владата, опозицијата дури и на европските структури за земјава да се врати на правиот колосек кога беше лидер во регионот и најбрзо стана земја-кандидат за членство во ЕУ.
– Нотирано е дека нема политички дијалог и амбиент опозицијата да ја исполни својата функција и ваквата ситуација бара брза разрешница до декември бидејќи на ваков начин Македонија следната година би можело да ја загуби препораката – изјави Грчева, која посочи дека ова бил дециден коментар на Орав.
Таа истакна дека евроамбасадорот Орав позитивно го оценил нивното дејствување во Парламентот во насока на промовирање на демократските вредности и тоа треба да го направат и останатите.
ФОТО: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.







