| четврток, 6 декември 2018 |

Трпчески со 5 биса во престижната Концертгебау во Амстердам

Со дури 5 изведби на бис нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески и возврати на публиката во исполнетата Концертгебау во Амстердам, која важи за една од најакустичните и најпрестижните сали во светот. На тој начин извонредно се потврди изборот токму нему да му се додели наградата „Виртуози“ за меѓународна афирмација на СОКОМ, на само вечер пред рециталот во холандската престолнина.

По бравурозниот настап во Концертгебау, Трпчески изјави:

„Убеден сум дека сум ја оправдал наградата, а уште една потврда е токму последниот концерт во неделата во Амстердам, кој дојде по трите рецитали во Англија. Во холандската престолнина го одржав мојот трет рецитал, а втор токму во Концертгебау. Настапив во рамките на престижните „Мастерс пијано серии“ во кои се вклучени буквално најатрактивните пијанисти на денешницата. Величествената димензија на оваа сала и нејзината 125 -годишна историја едноставно не го оставаат човек неинспириран за изведбата во неа. Инаку, рециталот мина навистина фантастично. Свирев дела на Шуберт, на Бах и на Лист. Софистицираната публика буквално ја наполни салата и мојата одговорност беше комплетна. Но се случи истото како пред неколку години, кога публиката ме поздрави на нозе уште по првиот дел. И на крајот публиката не престануваше да аплаудира и отсвирев дури 5 биса. Дури и мене се’ уште ми е тешко да поверувам во тоа, но ете се случи и задоволството што го чувствувам не може да се опише со зборови. Во контекст пак на наградата „Виртуози“, повторно имав можност да презентирам нешто и од македонското музичко творештво. Публиката во салата бурно реагираше на првата изведба во Амстердам на „На Струга дуќан да имам“ од Панде Шахов, па според интересот на промоторот, се надевам дека во иднина ќе бидам во можност да ја изведам и целата негова суита „Песни и шепоти“ – вели Трпчески.

Концертниот распоред веќе в недела го води нашиот пијанист во Монте Карло со тамошниот оркестар, за потоа да продолжи во Полска со дебито со Филхармонијата на Лоѓ со која освен Концерт за пијано и оркестар број 4 од Рахманинов ќе ги свири и „Фантазијата на две фолк теми“ од Дамир Имери, по што следи и деби-рециталот во Варшава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top