Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, денеска, точно напладне, во Европскиот парламент во Брисел официјално ќе ги објави извештаите за напредокот во евроинтеграциите на земјите-кандидати за членство во Унијата, јави дописникот на МИА од европската престолнина.
Како што претходно објави МИА, ексклузивно цитирајќи делови од извештајот за Република Македонија, нашата земја ќе добие шеста позитивна препорака од страна на Европската комисија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
– Севкупно, земјата продолжува доволно да ги исполнува политичките критериуми, го заврши најголемиот дел од реформите во однос на правосудниот систем и на јавната администрација и има направено прогрес откако стана земја-кандидат во 2005 година. Затоа Советот треба да се наврати на препораката на Европската комисија за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија, се наведува во заклучокот на Европската комисија за Македонија.
Сепак, на извештајот од 70-тина страници за Македонија, неформалната влада на Унијата нотира дека „нивото на усогласување на законската регулатива е високо во однос на тоа каде во моментов се наоѓа земјата во пристапниот процес, но и дека остануваат сериозни предизвици, а во некои области и се зголемиле, при што се наведува поделената политичка култура, сериозната загриженост за зголеменото политичко влијание и владината контрола на државните институции и медиуми, како и сѐ уште кршливата меѓуетничка ситуација.
Позитивни оценки за реформите на правосудството, полицијата, јавната администрација и економските политики, во официјалниот документ на Брисел денеска добива македонската држава. Комисијата ќе побара и преглед на Охридскиот рамковен договор, за, како што се цели – истиот да се комплетира и неговите препораки да се имплементираат.
Во заклучокот на Европската комисија во генералната стратегија за проширување за 2014 година, што вчера го објави МИА за Република Македонија се наведува дека пристапниот процес на ЕУ со Македонија е во ќор-сокак и дека постои итна потреба да се реши прашањето за името, што не треба да биде изговор за недостатокот на напредок во реформите што се во интерес на граѓаните во земјата.
Во однос на останатите земји во процесот на проширување, неформалната Влада на ЕУ денеска ќе објави дека Србија има потреба од прогрес во неколку клучни области, но најмногу во нормализацијата на односите со Косово. За Албанија, ЕК ќе посочи дека во јуни минатата година добила кандидатски статус поради прогресот и исполнување на услови, но дека оваа земја треба да го консолидира реформскиот моментум и да се фокусира на предизвиците во ЕУ-интеграцијата на одржлив и инклузивен начин.
Најголем проблем за официјален Брисел е ситуацијата во Босна и Херцеговина, па во заклучокот на стратегијата за проширување за оваа година, за оваа екс-југословенска држава ќе се наведе дека останува во застој на евроинтеграцискиот пат. Притоа, Комисијата ќе побара, по изборите во БиХ, би било од суштинско значење за земјата да говори со еден единствен глас, да се справи со итните социо-економски реформи и да напредува во европската агенда. Црна Гора, пак, од Брисел ќе добие оценка дека продолжува да преговара за членство, но оти има уште многу реформи што треба да се исполнат во оваа земја со цел да се забрза отворањето и затворањето на поглавјата од преговорите.
За Турција, пак, Еврокомисијата ќе побара да остане посветена на реформите од пакетот за демократизација поставен во 2013 година, искажувајќи сериозна загриженост за практикувањето на демократијата во земјата, пред се во однос на слободата на изразувањето и на медиумите. Но, Брисел ќе порача дека е задоволен од преземените чекори во решавањето на проблемите на Курдското малцинство. А, за Албанија, се нотира дека има понатамошен прогрес кон исполнување на политичките критериуми, но нема препорака за отворање преговори за членство во ЕУ.
Пред Филе и официјално да ги објави прогрес-извештаите, за Македонија е единствено непозната формулацијата при издавањето на шестата позитивна препорака за почеток на преговорите за членство. Високиот извор од Еврокомисијата за МИА потврди дека ќе има силен притисок врз Советот за да одлучи што понатаму со евроинтеграциите на Македонија (поради тоа што претходните пет препораки на ЕК се игнорираа), како и услов за враќање на нормалниот политички живот во земјата, но без да се остави простор за уцени од страна на опозицијата кон власта и обратно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.