| четврток, 6 декември 2018 |

Могерини: Треба политичка волја за решавање на прашањето за името со ФИРОМ

federika mogerini

Потребна е политичка волја за решавање на прашањето за името со ФИРОМ, порача идната висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскито парламент, јави дописникот на МИА од Брисел.

По 50-ина прашања поставени од европратениците во рамки на АФЕТ, Словенецот Алојз Петерле, претседател на мешовитиот комитет на Европарламентот и на македонското Собрание, како последен го постави прашањето за иднината на земјите од Западен Балкан во однос на евроинтеграциите.

Одговарајќи на прашањето на Петерле, наследничката на Кетрин Ештон истакна дека ѝ е драго што последното прашање ѝ дозволило да спомене нешто и за тоа прашање. Според ексминистерката за надворешни работи на Италија, не би било фер да се има еден приоритет на Балканот и дека дополнителна вредност за сите земји е регионалната димензија и ЕУ има поврзаност со овие земји, притоа ословувајќи ја Република Македонија со навредливиот акроним ФИРОМ:

– Ризикуваме да ги удвоиме проблемите, ако не работиме на интеграција на овие земји. Приоритет број еден е Босна и Херцеговина, по изборите да се осигури пораст и да се најде начин за земјата да излезе од криза. Разговорите на Србија и на Косово се одвиваат добро на техничко ниво, но треба и на политичко. Албанија има уникатна шанса за реформи, а Црна Гора е прва на листата во однос на напредокот кон Унијата. Во однос на ФИРОМ и прашањето за името, верувам дека треба да се најде политичка волја за негово решавање – посочи Могерини, додавајќи дека се надева дека не заборавила некоја од другите земји од Балканот.

Федерика Могерини истакна и дека ЕУ треба да се грижи за соседството, вклучително Балканот и Турција, бидејќи, според неа, целата политика на проширување е добар механизам.

Во повеќе од тричасовното сослушување од страна на европратениците, во одговорите на Италијанката доминираше темата за односите на ЕУ со Русија и ситуацијата во Украина. Таа постојано повторуваше дека Унијата мора да остане поврзана со Русија, која, според неа, е партнер, но е сосед, а таа вети дека ќе се фокусира на одбранбената и безбедносна политика, да спречи кризи и да се соочи со посткризните ситуации.

Наследничката на Кетрин Ештон порача и дека ЕУ треба да го добие постојаното место во Советот за безбедност на Обединетите нации на Франција и на Велика Британија. Таа, исто така, истакна дека официјален Брисел, во партнерство со НАТО, ќе посвети еднакво внимание во обезбедување мир и безбедност на Истокот, но и на Југот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top