„Иднината сега, време е“ е новиот слоган со кој опозиционата СДСМ ќе се промовира на локалните избори. Партијата зад која стои Бранко Црвенковски вели дека ќе одат од врата на врата, ќе организираат бројни митинзи, каравани, трибини, средби и разговори, на кои ќе ги промовираат сите кандидати, тие за градоначалници и за советници, а очекуваат и од граѓаните да понудат решенија за нивните проблеми.
– На овие избори, гласот на секој граѓанин има двојна вредност. Граѓаните ќе гласаат еднаш, но ќе одлучуваат два пати, и за промената на локалната, но всушност и за побрза промена на режимот на Груевски – изјави шефот на изборниот штаб на СДСМ, Игор Ивановски.
Тој нагласи дека во изминатите девет месеци СДСМ е во постојана мобилизација и е првата партија која започна своите кандидати да ги промовира уште во јуни минатата година.
– Преку 60 дена блокиравме улици, раскрсници, организиравме граѓански парламенти, маршеви, протести и митинзи. Единствено цврстите ветувања и уверувања на Никола Груевски до меѓународната заедница, дека до јуни ќе стори сè за да го реши спорот со името, се основата заради која предвремените парламентарни избори ќе се договорат до 1-ви септември – нагласи пратеникот на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.