| четврток, 6 декември 2018 |

Јавно запросување: „ин“ или „аут“ – што мислат Македонците

zaprosuvanje

Запросување преку билборд, запросување на концерт со помош на пејачот, запросување на спортски натпревар, на плоштад… Ова стана ИН во Македонија. Интимното запросување, колку и да е романтично нема да биде ставено на пиедестал само затоа што било направено во мал круг на луѓе. Се почести се оние кои коментраат дека ова стана помодарство, негодуваат околу ваквиот начин на запросување, но сепак таквите запросувања се најчитани, нагледани, најкоментирани на интернет. Неодамна момче од Прилеп ја побара својата девојка преку билборд, запросена беше девојка преку видео-бимот на Плоштад, познатиот актер Сашко Коцев ја запроси својата долгогодишна девојка Смиљана додека ја водеше на „Златна Бубамара на популарноста“, новинар ја запроси девојката од иста професија за време на ТВ Дневник…

Како размислуваат Македонците за ова?

Навистина не е вкусно да се коментира за нечиј интимен, личен чин. Тоа е право на избор. Но сепак, кога ќе се решиш за јавно запросување, тогаш таа интмност се губи. Во таков случај никој нема право да негодува зошто се коментира начинот на запросување, зошто го исмеуваат и слично. Дали Сашко требаше да ја побара Смињана на манифестацијата?! Моето лично мислење е дека не требаше да ја „злоупотреби“ манифестацијата, ниту пак публиката за да направи свое шоу. Но сепак, кога се реши да го направи тоа, коментарите, пофалбите и критиките се оправдани. А дали изгледаше добро?! Па што е битно што мислам јас или било кој друг?! Тоа е направено конретно за една личност, битно е неа дали и се допаднало или не – коментира триесетитри годишната скопјанка Марина С.

Ова е тема на која се зборува по сите форуми и социјални мрежи, особено во период кога некој ќе се реши на таков чин. Многумина имаат негативен став. Така на пример, една корисничка на форум за оваа тема вели: 

На почеток беше симпатично, сега више е дегутантно. Мислам паѓања во трансови: Погледнете го најромантичното запросување на свет!!! СКАНДАЛОЗНО! Глупости на квадрат. Мене ќе ми кажуваат други што е романтично. Може сакам дечко ми да ме запроси со парче пица со кечап на пижами додека пиеме пиво. Може мене тоа ми е најромантично на свет, наместо пола Македонија и светот да го проследат еден од најинтимните моменти во животот. Зошто да мора на други да се докажува љубовта? Демек ако не направиш нешто „уникатно“ не си го сакаш партнерот, по модерни стандарди?

Друг корисник на македонските форуми запрашува која е целта на ваквото „рекламирање“:

Очигледно дека поентата тука не е да се покаже посветеност и љубов кон партнерот. Поентата е момчето (со оглед на тоа што не сум чул за случај девојка да запроси) да се покаже како романтичен, храбар, или што ти знам јас каков, пред народот што ќе го гледа тоа. За што се рекламирате бре луѓе!? За жени!? Па нели веќе сте избрале животна сопатничка?

Да не зборувам за можниот негативен ефект што ова може да го има кај вереницата. Замисли, сака да помине малку време на само со момчето ѝ. Можеби ова ќе биде оној магичен момент што толку го посакува? И наеднаш излегуваат камери од зад грмушките и микрофони им висат над главите, а овој клекнува на колена и оваа се здрвува и не знае што да направи и на прашањето „Сакаш ли да се омажиш со мене?“ одговара со „Сакам помфрит“!

Од друга страна пак, постојат луѓе кои сакаат да бидат во центарот на вниманието и ќе сторат сѐ да се покажат колку се сакаат, да видат бившите колку се среќни итн. И ќе си го исценираат сиов овој настан, ќе го пробуваат стопати дома, за да го овековечат со првата можна прилика кога ќе се најдат пред поголема публика.

Неубава појава во секој случај. Уште една во низата од јавни интими на денешното време.

Многумина ваквиот начин на запросување го сфаќаат како очаен обид да ја користиш толпата за да убедиш некого да биде со тебе.

Запросувањето во јавност не е изјавување на љубов кон партнерот туку очаен обид да го убедиш истиот користејќи ја толпата дека во тебе има одредени т.н. љубовни чувства кои страшно недостасуваат во четири очи а посебно во дадени животни ситуации, а истовремено убедување и на самиот себе – сам себе силувал. Која претстава бе ејј, величенствена хипокритска досетка за ќарување жени…

Сега баш ми текна слична ситуација со јавен притисок за “„удбоносно” Да, каде потенцијалната невеста рано утрото го врати прстенот по такси. Е сега покрај притисокот на традицијата, родителите и комшиите – општо толпата, посебно во мали градови како нашиве, е сега да си замислиме колку има што не вратиле прстен па трпат и ќутат со надеж дека пак ќе бидело исто како после првиот секс или бакнеж, или дека некој ќе се сменувал после 25/6тата –
 пишува друг корисник на форум. 

Но има и такви кои сметаат дека е храброст да се појавиш пред толпа и да клекнеш на колена пред девојка:

Мене ми се допаѓаат јавните запросувања. Интересни, романтични, поинакви од другите… Секое е оригинално на свој начин. Уникатно. Споделувањето со јавноста на еден таков важен чин е храбро и е за почит. Не секој има храброст и машкост да ја запроси саканата пред народ. 

Други признаваат дека сакаат да бидат јавно запросени, додека сите гледаат и воздивнуваат тие да се „топат како сладолед на афалт“.

Не сакам интимно, сакам во јавност, не во стилот на Сашко на Златна Бубамара, ама некое изненадување во ресторант може. Сакам да сум во центар на внимание, и сакам јавно запросување. Напротив не е тоа желба за да се покаже колку тоа ние се сакаме и нас ни е најубаво, туку за мене тоа е за пофалба за храброста – коментира корисничка на еден од домашните форуми. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top