
Томислав Јотовски е најдоброрангираниот македонски тенисер моментно и играч кој е во најдобра форма од сите наши претставници во еден од најпопуларните индивидуални спортови. Рангиран на 579. место на светската ранг-листа, со скок од околу 300 позиции во однос на рејтингот што го имаше на почетокот од сезоната, 23-годишниот скопјанец полека, но сигурно напредува кон посакуваните височини. Во генерацијата на Милош Раониќ, Бернард Томиќ, Филип Краиновиќ, Давид Гофин…, Јотовски во 2008 година беше 78-рангиран светски јуниор, нешто што би било остварување на сонот на секој македонски тенисер во сениорска конкуренција. Преминот од младинска конкуренција во светот на најдобрите тенисери на планетата во сениорска конкуренција оди тешко, но Томи не се предава.
– Има голема разлика во двете конкуренции, а талентот што го најавувате со добри игри во јуниорска конкуренција е само една од многуте коцки што треба да се поклопат во мозаикот. Задоволен сум со игрите и од напредокот во 2014 година бидејќи стигнав на прагот на најдобрите 500 светски тенисери. Тенисот е скап спорт во кој нема милост и ви треба многу труд, напорна работа, избегнување повреди и среќа за да стигнете до добра позиција на светската ранг-листа. Се надевам дека конечно сум на вистинскиот пат, а секако дека амбициите се пробив во топ 100 на листата на АТП, позиции на кои бев како јуниор – вели Јотовски.
Патот кон врвот двојно потежок за тенисерите од помалите земји
Малкумина знаат за неговиот подвиг за Гинисовата книга на рекорди кога како 16-годишник на турнир во Штип го освои пехарот со четири победи без загубен гем. Со сите победи во два сета (6-0, 6-0) стигна до титулата и го најави талентот. Допрва се очекува да го потврди квалитетот кај сениорите, а ако се суди според последните настапи, неговото време допрва доаѓа.
– Македонија е мала земја, не се организираат тениски турнири за да може полесно да се освојуваат поени и побрзо да се напредува на светската ранг-листа. Знаете, домашните тенисери секаде се привилегирани, да не кажам дека имаат и помош од судиите. Кога сте странец, особено на помалите турнири кои не се во фокусот, потешко се доаѓа до победи, до титули, до поени. Понекогаш не вреди дури и ако сте многу подобар од противникот. Но, јас не се предавам, иако веројатно треба да минам двојно потежок пат од тенисерите што доаѓаат од тениски поразвиените земји – коментира Јотовски.
Одлична тениска промоција на Балканот се успешните приказни на Новак Ѓоковиќ, кој е најдоброрангиран светски тенисер, и на шампионот на Отвореното првенство на САД, Марин Чилиќ, како и на Григор Димитров, Ана Ивановиќ, Јелена Јанковиќ… Можна ли е споредба и приклучување на наш тенисер или тенисерка во одбраното тениско друштво?
– Нивните успеси се прозорец кон елитата за сите балкански тенисери. Со импресивни игри тие го свртеа вниманието на тениските авторитети кон овие простори, што е шанса за сите нас од Македонија. Во тенисот нема ништо случајно. Многу полесен е патот кон врвот ако зад вас стои реномирана агенција или академија. Веднаш ги имате сите услови, тренери, стручен тим, медицински персонал или сѐ што ви е потребно за да не мислите на ништо друго освен на играта. За таков третман знам дека треба да се изборам сам, а верувам во себе и во сопствениот квалитет за да се пробијам до подобри позиции од сегашното 579. место на листата на АТП – додава 23-годишниот тенисер од Скопје.
Федерер е неприкосновен, Ѓоковиќ со најдобар стил на игра
За побрз напредок е неопходно учество на силни турнири, нешто што за македонски тенисер е недостижно по настапот на Предраг Русевски во квалификациите на турнирот во Умаг пред десетина години. И Јотовски засега игра на фјучрс-турнири, каде што макотрпно собира поени за евентуален настап на големата сцена. Во јуниорска конкуренција играше квалификации на престижните Ролан Гарос и Вимблдон, а целта е да се обиде да стигне до тоа ниво и во сениорска конкуренција.
– Во тенисот лесно може да направите брз продор на листата на АТП ако играте добро во континуитет. Само да ги избегнам повредите, верувам дека е достижна цел пробив меѓу најдобрите сто тенисери на планетата. За тоа е неопходна и многу поголема поддршка од домашната федерација, посилна финансиска помош, бидејќи засега се финансирам исклучително сам, секако со огромна поткрепа од семејството. За сите наши претставници на тениските турнири ќе биде многу подобро ако има повеќе турнири во Македонија и подобра стратегија за развој на тенисот. Дека имаме квалитет, потврдивме и со настапите во Дејвис- куп кога три сезони по ред Македонија беше во Првата зона, ранг што е веднаш зад елитната светска група. Против Русевски и Магдинчев паѓаа големи имиња од калибарот на Ниеминен, Гулбис, Милер…, што е доказ дека имаме квалитет и талент, само се потребни повеќе финансии и подобра организација за рамноправно учество на големата тениска сцена. Јас ги имам победувано Гофин, Лајовиќ и уште дел од тенисерите од мојата генерација, кои беа одлични јуниори и моментно се пласирани до стотата позиција во сениорска конкуренција. Разликата меѓу нас и нив воопшто не е голема, само е потребен посериозен однос и поголема поддршка за македонските тенисери – вели Јотовски.
Роџер Федерер, според тениските експерти, е најдобар играч на сите времиња, а таквото мислење го дели и Јотовски.
– По мој вкус, според стилот на игра, е Новак Ѓоковиќ. Некако и нормално е за сите од овие простори да го сметаат српскиот ас за најдобар, но реално Роџер Федерер е број 1 тенисер на сите времиња. Тој остави највпечатлив белег во тениската игра, а и бројот на освоени гранслем-титули говори многу за тоа. Би сакал да имам барем една можност да играм против нив. Тоа би било круна на кариерата за секој млад спортист – заврши Јотовски.
За најдоброрангираниот македонски тенисер веќе почна новиот турнир во Србија, а нови поени ќе значат нов поттик за него и веројатно ќе му донесат пласман под петстотката, што е добра подлога за уште подобри резултати и успеси во следната календарска година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


