Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Фиренца учествува на Третиот светски форум за култура и за културна индустрија, на тема „Култура, креативност и одржлив развој. Истражување, иновација и можности“.
На овој еминентен собир што е во организација на УНЕСКО, италијанската влада, регионот Тоскана и на општината Фиренца, министерката за култура Канческа-Милевска ќе има официјално обраќање како клучен говорник на темата „Културата движечка сила за развој – искуства на Македонија“. Канческа – Милевска ќе се осврне на важноста на културата како активен фактор на развојот на индивидуално, локално, национално, регионално и глобално ниво, како и за културната политика на Република Македонија, која е во функција на вкупниот општествен развој, соопшти Министерството за култура.
Меѓу учесниците на форумот се генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова и други високи претставници на оваа организација, италијанскиот министер за културно наследство, активности и туризам, Дарио Франческини, министрите за култура на Србија и на Босна и Херцеговина, Иван Тасовац и Средоје Новиќ, градоначалникот на Фиренца Дарио Нардела, стручњацо, професори на Универзитетот „Колумбија“, истакнати личности од приватниот сектор и цивилното општество.
Министерството информира дека на тридневниот форум присутните ќе дебатираат и за местото и интегрирањето на културата во Агендата за развој на Обединетите нации по 2015 година, како и за потребата од координирано и планско дејствување на секторот култура со другите соодветни сектори во државата – економија, финансии, локална самоуправа и заштита на околината.
– Меѓу другото, на конференцијата ќе стане збор и за други особено важни теми, како што се културата и креативноста, културните индустрии, вработувањето и порастот, иновацијата, технологијата и предзнаењата за одржлива иднина, моќта на културата во насока на создавање инклузивни општества и друго. Во рамките на форумот ќе биде организирана и тркалезна маса посветена на заштитата на културното наследство на која ќе бидат презентирани успешните примери од соработката на Италија и на УНЕСКО. Конференцијата завршува во сабота со усвојување декларација – наведува Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.