Овие настани укажуваат дека постои итна потреба токму од иницијативи, како што е оваа, која промовира меѓуетничка хармонија во Македонија, посочи Волерс по потпишувањето меморандум за соработка меѓу Институтот за национална историја и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје.
Оваа нова иницијатива за промоција на поголема соработка и разбирање меѓу историчарите Македонци и Албанци од Македонија секако дека е корисен и конструктивен чекор, укажа американскиот амбасадор.
– Ова е извонредна можност за промоција на хармонија, почит и толеранција меѓу сите граѓани на Македонија. Додека секој меѓуетнички инцидент или обид да се поттикне нетолеранција е лесна можност ситуацијата да се искористи за политички цели, тоа, исто така, е и можност да се отвори дијалог и да се зајакнат врските меѓу различните заедници. Ова е можност за промоција на една горда Македонија која, гледајќи кон иднината, целосно ги почитува сите аспекти на богата разновидност на своето минато – додаде амбасадорот Волерс.
Директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев, рече дека потпишувањето на mеморандумот е со цел двете институции, колку што е можно повеќе, да влијаат врз креирањето на вредносните ставови за минатото на Македонија и на сите заедници што живеат во неа.
– Меѓусебната соработка ќе донесе еден поширок меѓусебен дијалог меѓу двете заедници, дијалог кој може и мора да влијае врз градењето на иднината на оваа држава. На тој начин ќе покажеме дека ова општество е способно и има капацитет да изгради еден коректен морален однос кон своето минато – додаде Ѓоргиев.
Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Шефќет Зеколи, истакна дека историјата на албанскиот и на македонскиот народ нè учи дека за да се постигне независноста, да се зачува државниот и националниот индентитет, нашите народи соработувале и дејствувале со години.
– За жал, сега во време на новите процеси, не само општествени, туку и политички, и во време на создавање нови реалности на Балканот, некои историчари со дебели џебови и со моќни политички позиции се обидуваат, без да почитуваат научни и морални критериуми, да ја ставаат историјата пред телевизиските камери и во печатот во функција на политиката наместо да се случува обратното – посочи Зеколи.
Според него, улогата и активностите на научните институции треба да биде посилна додека гласот на вистинските научници да се слуша со почит. Тие, рече Зеколи, не треба да дозволат за еден грст пари и за разни државни функции да станат плен на разни манипулации со историските податоци и факти како што често се случува.
Германската амбасадорка Гудрун Штајнакер рече дека е уверена оти соработката меѓу Институтот за национална историја и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците ќе придонесе за разбирање и помирување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.