Ренато Вугринец е повреден и нема да игра за Металург ниту во втората рунда од Лигата на шампионите, откако во првото коло паузираше поради исклучувањето во Германија против Кил во реваншниот четврт-финален дуел. Официјалното објаснување од клубот е дека извонредниот ракометар ја повредил дланката, и затоа нема да игра против Мешков Брест во Белорусија, но дали во заднина има нешто повеќе, поврзано со финансиските проблеми во Металург, ќе се знае деновиве.
Целата ситуација будно ја следат неколку клубови, учесници во Лигата на шампионите, а особено заинтересирани за услугите на 39-годишниот десен бек е францускиот шампион Данкерк. Тие не кријат дека сакаат да го ангажираат Вугринец, особено по поразот во првото коло од Алборг на домашен терен со 21-26. Французите немаат таков калибар ракометар во своите редови, а сега на потег е раководството на Металург, да ги „испегла“ односите со Вугринец, односно да ги исплати заостанатите долгови.
Ако Вугринец не настапи и против Брест Мешков в сабота, би го задржал правото да игра за друга екипа во Лигата на шампионите и лесно може да се случи да си замине.
Таков епилог секако не посакуваат симпатизерите на македонскиот првак, бидејќи Вугринец брзо ги освои срцата на ракометните фанови и беше еден од клучните играчи за извонредните резултати на металурзите во претходните две сезони. Ренато лани беше втор најефикасен ракометар во ЛШ со 95 погодоци, зад Момир Илиќ со 101 гол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.