Во сабота во новиот спортски центар „Јане Сандански“ РК Вардар го игра вториот натпревар од Лигата на шампионите против Чеховски Медведи.
По првата победа на гостински терен против Целје иако минимална со еден гол разлика но сосема заслужена, „црвено-црните“ се селат во својот нов дом. Императивот победа е огромен бидејќи сите од клубот посакуваат со победа да се отвори новиот спортски комплекс.
Фаворитската улога е на страната на вардарци, но тренерот Гонзалес предупредува.
– Групата во која играме е многу тешка. Сите бодови освоени на домашен терен ќе значат и пласман во следната рунда. Противникот е силна екипа со долгогодишно искуство во Лигата на шампионите, а во ова натпреварување нема слаба екипа. Играат сличен ракомет како и нашиот, и малку се плашам бидејќи сите сме возбудени и нервозни поради првиот натпревар во новата сала. Ќе се обидеме тоа да го претвориме во позитивна енергија и да славиме победа.
Свесен сум дека во Целје одигравме далеку под своите можности, но успеавме да ги освоиме трите бода. Против Загреб одигравме далеку подобро, а со Чеховски се надевам дека играта ќе ја подигнеме ја уште повисоко ниво. Играме секои три дена и нема многу време за драстично менување на стилот – изјави Гонзалес во пресрет на натпреварот во сабота.
Еден од најдобрите играчи на Вардар во првиот натпревар против Целје Тимур Дибиров се среќава со својот поранешен клуб, но напоменува дека нема емоции и дека Вардар е неговиот дом и новата работа.
– Во сабота сите ракометари на Вардар посакуваат да ја започнат новата ера на победи на новиот дом и посакувам секој кој ќе дојде во СЦ „Јане Сандански“ не освои бодови. Чеховски Медведи е силен состав. Спој на искуство и младост. Немам емоции кон тимот каде што играв. Нема да има сентименталности ниту од мене ниту од Растворцев, Чипурин и Шишкарев кои играа за Чеховски. Ќе излеземе на терен и со сите сили ќе се бориме да ја оствариме втората победа во Лигата на шампионите и прва во нашата нова сала – потенцираше Дибиров.
Натпреварот се игра во сабота во 19 часот во новиот СЦ „ Јане Сандански“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



