ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на прес-конференцијата на СДСМ за Фондот на ПИОМ истакнува дека со предлозите што ги дава оваа партија се создаваат проблеми, а не се решаваат.
– Хипотетички, ако СДСМ дојде на власт и воведе прогресивен данок, како планира да ја наполни касата на ПИОМ, ако работодавачите не плаќаат придонеси, туку избегнуваат да ги пријават работниците и ги држат со години како хонорарци без никакви придонеси. Тоа ќе значи само повисок трошок за оние кои чесно плаќаат за своите работници, но и повеќе години неизвесна судбина за хонорарците кои работат за лоши работодавачи, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, се додава во реакцијата, и претходно зборуваше за прогресивни даноци, а сега и за прогресивни придонеси што значи нивно зголемување. Со ставот кој СДСМ го зазема, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, уште еднаш покажува дека не е партија за народот, за обичниот граѓанин, туку само за елитата. Поплаките се знае од каде доаѓаат – од сопствениците на компании кои избегнуваат да плаќаат придонеси за работниците и ги држат со години како хонорарци. Цела Европа го има решено проблемот со непријавување на работници токму на овој начин, односно со задолжително плаќање придонеси за хонорарците.
– Тоа е лоша политика и сакаме да им кажеме на работодавачите дека за разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на политиката на ниски даноци и придонеси, стои во партиската реакција.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека Македонија во време на светската економска и европската должничка криза беше меѓу ретките земји, кои не ги зголемија даноците, не ги намалија пензиите, не ги намалија платите и не кратеа работни места во јавниот сектор.
– Напротив, даноците во Македонија останаа најниски во Европа, пензиите ги зголемуваме за 5 отсто секоја година, а од ноември ќе се исплаќа и повисока плата за 4 отсто во јавниот сектор. Невработеноста пак е намалена на историски најниско ниво последниве 20 години. Овие достигнувања во голема мера се должат токму на даночната политика која ја реализира Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ниските даночни стапки привлекоа странски инвестиции и домашни инвестиции кои отворија нови работни места и придонесоа за раст на извозот како и на целокупниот економски резултат на земјава. Ниските даночни стапки, за разлика од даночната политика која ја практикуваше СДСМ додека беше на власт, носат и повеќе пари во буџетот, се посочува во реакцијата.
Доказ за тоа, според ВМРО-ДПМНЕ, се и капиталните инвестиции кои во време на ВМРО ДПМНЕ се дури двојно поголеми од оние во времето на СДСМ, односно од 10 милијарди денари реализација на капитални проекти во 2005, во 2013 имаме реализација од преку 19 милијарди денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)