| четврток, 6 декември 2018 |

Уличното списание „Лице в лице“ прослави две години постоење

Дали театарот треба да забавува или да освестува? Колку, реално, македонскиот театар се издигнува над популистичкиот? Колкава е неговата моќ во создавањето на јавното мислење, а колку, пак, е рефлексија на општествените болки и неправди?

Одговорите на овие прашања, искрени и темелни, дадени во една пријатна, пријателски топла атмосфера, вчеравечер ги слушна публиката во „Галерија 8“, дојдена на дружба со актерите од Прилепскиот театар и на промоцијата на новиот, 12. број на активистичкото списание „Лице в лице“.

1381795_706117849474664_2189177362653481609_n

Во пријатниот амбиент на Безистенот, гостите-актери на присутните им приредија ретка можност да ѕирнат во нивните проби и во подготовката на најновата претстава, „Мажот е маж“ по текст на Бертолт Брехт, четврта по ред, која овој колектив заедно ја работи со режисерот Мартин Кочовски.

„Читачката проба“, која имаше за цел да ја долови специфичноста на начинот на работа на овој театарски колектив, беше увертира и за промоција на новиот број на „Лице в лице“, чијашто тема во фокус е ангажираната страна на уметноста. Тоа беше и повод модераторот на вечерта, водителот и колумнист Огнен Јанески, разговорот со актерите да го насочи кон темата: ангажиран театар.

10703655_706076409478808_7226047189583066166_n

– Политичкиот театар, кој ние го пракитикуваме, и кој почнува со Брехт, е меѓу првите што обидува да го разбие аристотелскиот театар. Тој посочува дека не треба животот на сцената да се имитира, туку треба на публиката да ѝ се каже „Размислете за ова што ви се случува и вас, па решете како ќе реагирате на тоа“. Тоа е тој епски театар во кој активно учествува и публиката – сподели со присутните актерот Владимир Ѓорѓијоски.

10245565_706076946145421_2738011246524144884_n

Дојдоа многу љубители на театарот и поддржувачи на списанието „Лице в лице“, актерите зборуваа и за трагата што нивниот колектив ја остава со својата работа последниве неколку години:

-Личен репер за успехот на еден театар е и излегувањето од сцената на матичниот. Дали е Скопје, Љубљана, Загреб или Сараево, не е важно, но, така секогаш луѓето може да ги видат нештата од дистанца, без доза симпатија и лажно претставување, лицемерство… И тоа што е посебно важно, претставите што ги режира Кочовски секогаш носат реакција „Истото се случува и кај нас“, па дури и кога се работи за различно општествено уредување. Човештвото има исти проблеми насекаде. И пред 50 години, и сега. И „Швејк…“ и „Мажот…“ и „Тапани во ноќта“ секогаш изгледаат актуелно зашто носат вечни човечки теми, кои вреди одново да се отвораат, препрочитуваат – нагласија актерите.

10685608_706077679478681_6264838651924918659_n

Дел од нив отворено зборуваа дека театарот сѐ уште е на најниските скалила од уметностите во Македонија, но, дека и промените кон подобро се видливи.

-Долго време Прилепскиот театар ѝ беше познат само на прилепската публика. Откако почнавме да правиме претстави што не се само за уживање, туку сакавме да кажеме и нешто повеќе – тогаш за нас слушнаа Балканот и Европа. Се надеваме ќе продолжиме така – нагаласи актерот Игор Трпче.

Режисерката, пак, Наташа Поплавска ги нарече актерите од Прилепскиот театар „Новиот македонски театарски бран“, констатација со која се согласија речиси сите присутни на настанот.

1011256_706077089478740_2156756152733248725_n

На оваа вечер „Лице в лице“ ја одбележа и својата втора година од излегувањето, и тоа со торта специјално подготвена од пријателите и поддржувачи,, „Вешта жена“, на која роденденската свеќичка ја дувнаа продавачи на магазинот од редовите на Црвен крст, Дневниот центар за згрижување деца од улица, „Солем“ и „Порака“.

Честитките за вториот роденден, магазинот доби и од многу јавни личности, уметници, соработници… кои се негова публика од првиот број.

10672205_706077289478720_3349288836558400165_n

Најновиот, 12. број на „Лице в лице“, кој се совпаѓа со вториот роденден, е посветен на ангажираната страна на уметноста, донесува повеќе интервјуа, анализи, текстови во кои ги бара одговорите за моќта и улогата на уметноста во трансформацијата на општеството, за важноста на активизмот како граѓанска алатка, за уметноста како став, за промените што ги продуцира независната сцена, за улогата на уметноста во работата со ранливите сограѓани, за добронамерните граѓански акции.

На овие теми, своите ставови ги споделуваат академикот Влада Урошевиќ, професорите Небојша Вилиќ и Милена Драгичевиќ – Шешиќ, актерката Јасмина Билаловиќ, уметниците Ване Костуранов и Велимир Жерновски, менаџерот во културата Билјана Тануровска – Ќулавковски, уметничкото дуо „Ефемерки“…

Како член на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), „Лице в лице“ донесува и интервју со израелскиот режисер Ари Фолман, познат по својот наградуван филм „Валцер со Башир“, како и првото интервју на вдовицата на Нелсон Мендела, Граса Машел, после смртта на нејзиниот сопруг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top