| четврток, 6 декември 2018 |

Златкова кула во Кратово ќе се уреди со грант од 97.000 американски долари од Амбасадата на САД

Денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска со амбасадорот на САД во Република Македонија, Пол Волерс потпиша договор за доделување грант во висина од 97.700 американски долари за комплетно ентериерно уредување на Златковата кула, на еден од највредните примероци на градби што стилски и колористички се вклопени во старото градско јадро на Кратово. Со овие средства, во Златковата кула на која во претходниот период со поддршка на Министерството за култура беше извршена конзервација на архитектурата, ќе се уреди сувенирница, културно-информативен центар како и спомен-соба на македонскиот православен светител Ѓорѓи Кратовски.

Kratovo grant 010

-Автентичноста, единственоста, разновидноста, интегралноста и зачуваноста на културните карактеристики на Кратово се, можеби, најважните причини зошто многумина овој град го нарекуваат музеј на отворено. Автохтониот духовен и културен развој на Кратово имал влијание врз повеќе сегменти на физиономијата на овој град во кој градителската традиција оставила бројни вредни споменици на културата меѓу кои се и маркантните кратовски кули. Со задоволство ќе забележам дека со поддршка на Министерството за култура беше извршена ревитализација на Симиќевата кула, која е веќе отворена за јавноста и во која е изложена постојаната поставка „Карпошово востание 1689 г.“. Исто така, извршивме и реконструкција на Саат-кулата, а како што споменав, беа реализирани и  заштитни интервенции на Златковата кула, која е значајно сведоштво за средновековниот живот на овој познат рударски центар – истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Kratovo grant 06

Таа информираше и за тоа дека наскоро ќе почнат и археолошките истражувања, заштитата, конзервацијата и реставрацијата на тунелите во Кратово .

Амбасадата на САД во Република Македонија е голем пријател и поддржувач на нашата земја во заштитата на културното наследство и негувањето на вистинските културни вредности. Почнувајќи од 2001 година, од амбасадорскиот фонд беа издвоени средства за реализација на голем број активности како конзервација и реставрација на монументалната јавна зграда на локалитетот Вардарски Рид кај Гевгелија, археолошки истражувања во Римскиот форум во Стоби, заштита и адаптација на Турската бања во Тетово, заштита и реставрација на црквата „Свети Спас“, на Даут-паштиниот амам, на црквата и фреските во „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, конзервација на фреските во ранохристијанската базилика во Стоби, обнова на фасадата на Шарената џамија во Тетово и други проекти.

Kratovo grant 03a

– Денес ја одбележуваме нашата најнова инвестиција за заштита и промоција на наследството во Македонија – грант во висина од 97.000 долари за реставрација на Златкова кула што датира од 14 век. Среќни сме што можеме да ја реставрираме оваа кула и да ја вратиме нејзината оригинална убавина и сила така што граѓаните на Македонија и странските посетители ќе можат да се врата назад во времето и да ја почувствуваат историјата од прва рака. Министерството за култура се покажа како извонреден партнер во сите наши досегашни проекти за реставрација и очекуваме нашето силно партнерство да продолжи и понатаму. Како и со другите наши грантови, овој придонес е потсетник за нашето длабоко пријателство меѓу нашите земји, како и почитта што Соединетите Американски Држави ја имаат за културниот идентитет на Македонија, рече амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top