В среда, на 1 октомври, на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) модната куќа„Елена Лука“ ќе ја претстави најновата колекција за претстојната сезона, есен/зима 2014-15 и која се дефинира со оригинален и препознатлив стил, со силен драматичен ефект. Во разговор за „Република“ од модната куќа ги откриваат деталите за новата есенска колекција.
Што содржи новата колекција на Елена Лука за претстојната сезна есен/зима 2015?
Лука: „Елигион“(ELigion) отвора една нова интересна тема во модниот дизајн, која е доволна провокативна и интересна и од аспект на самата приказна, инспиративната идеја и од аспект на изработката иконструкцијата на моделите, користените материјали и нивниот микс. Се работи за најновата колекција на Елена Лука која е наменета за претстојната сезона, есен/зима 2014-15 и која се дефинира со оригинален и препознатлив стил, со силен драматичен ефект. Суштината на колекцијата е автентичен спој на различни стилски сензибилитети, изразен преку носливата уметност на секое парче поединечно. Интересно е и тоа што секое различно парче од различни стилизирани целини може да се комбинираат едно со друго, благодарение на хармоничниот континуитет на целата тема. Изборот е навистина богат: почнувајќи од раскошните топли бунди, капути, здолништа, панталони, фустани поврзани со деликатната изработка и богатата текстура на материјалите.
Со какви материјали работевте?
Лука: Со оглед на тоа дека се работи за слоевита распределба на материјалите и богат микс на текстури, користени се различни типови на висококвалитетни материјали. Доминантна е екокожата, раскошната тантела и крзното како едни од ултимативните материјали за оваа сезона.Нивната комбинација е перфектно финиширана во урбани и автентични креации кои лично сметам дека се адаптибилни во различни стилски визии на современите жени со изграден имиџ.
Кому му е наменета новата колекција? За кој тип на жена?
Лука: Во „Елигион“ може да се почувствува сенсот на секоја жена. Идентитетот на колекцијата е така изграден за да ја надогради личната приказна на секоја една дама која е доволно храбра да ги надмине стандардите, да излезе од ограничувањата на клишеата и јасно да го потенцира својот личен стил.
Често во вашите колекции има рачни изработки, уникетни делови, додатоци…Дали и оваа колекција ќе биде таква?
Лука: Една од препознатливите карактеристики на дизајнот на Елена Лука е богатата рачна изработка која дополнително го облагородува секоја креација и нејзината естетска тежина. Како и до сега, и во новата колекција продолжуваме со тој автентичен белег на Елена Лука. Секако е присутна деликатната рачна изработка, специфичниот финиш, внимателната посвета на секој минимален детаљ. И овој пат продолжуваме со уникатна линија на чанти, чевли и чизми за кои секако наскоро ќе ги дознаете сите детали.
Каква жена ви беше инспирација за новата колекција?
Лука: Секоја жена со себе носи посебна енергија, неповторлив сензибилитет кои за добар уметник се неицрпна инспирација. Суштината на творештвото на Елена Лука се базира на секоја жена со сите нејзини профили, чувства, емоции, професионална и лична карактерна нота, што се чувствува проткаена низ сите приказни на Елена Лука. Храбра, жена визионер, моќна, доминатна, впечатлива и урбана е жената која секогаш е во допир со креативната енергија на Елена Лука. На мое огромно задоволство, Елена Лука е првиот моден бренд кој ќе организира модна ревија за колекцијата „Елигион“ на големата сцена на старо-новиот МНТ во среда на 1 (први) октомври со почеток во 20 часот, со што ќе заокружиме уште една приказна која интимно ми е навистина блиска и се надевам публиката ќе ја почувствува емоцијата која ја испраќаме преку „Елигион“.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.