
Осумнаесет дена по копно и земја трагаме засега безуспешно по 23-годишната прилепчанка Дениза Маркоска, која на 12 минатиот месец во чудни околности, исчезна од бродот „Серенисима“ на кој таа работеше, вели за „Плусинфо“ портпаролот на грчката полиција, потполковник Христос Маноурас.
Маркоска последeн пат беше видена на 12 овој месец во 2.10 часот, кога пушела цигара на долната палуба од бродот додека превезувал туристи од Родос кон Крит.
– Девојката се води како исчезната и засега нема некои посебни индикации што се случило – нагласува портпаролот на грчката полиција.
Од главната канцеларија на грчката Крајбрежна стража (ХЦГ) велат дека се испрашани и рибарите кои ловат во морето близу Крит, но никој не забележал ништо во морето на делницата каде што пловел бродот од кој исчезна Маркоска.
Јавниот обвинител на Крит започна истрага за случајот, откако тридневната истрага на полиција не вроди со плод. Последните информации за јавноста кои од неговата канцеларија им беа соопштени на македонските дипломати во Атина е дека случајот е многу чуден и дека е отворен предмет.
Неколку дена по неговата изјава, Интерпол објави информација до сите свои испостави низ светот дека ја бара Маркоска како исчезната државјанка на Македонија.
За исчезнувањето на Маркоска македонската јавност дозна три дена подоцна, откако за случајот медиумите беа известени од нејзините најблиски. Тогаш се дозна дека капетанот на бродот на кој работеше Дениса не го запрел пловилото откако дознал дека таа исчезнала, туку кога пристигнале на Крит, во полиција пријавил дека има исчезнат член на екипажот.
Во неговото објаснување за таа постапка пред обвинителствотро се бранел дека пријавувањето било со задоцнување затоа што проверувале дали Дениса е можеби на бродот.
Додека трае истрагата, родителите на Дениса се очајни поради исчезнувањето на нивната ќерка, но истовремено и гневни поради нетранспарентноста на институциите во чија надлежност е истрагата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


