Обвинителот Алан Тигер на почетокот од завршниот збор пред Хашкиот трибунал, поранешниот претседател на РС Радован Караџиќ го oкарактеризира како лажго и мафијаш, обвинувајќи го за геноцид и другите злосторства во БиХ, јавија српските медиуми.
– Караџиќ не е градежен инспектор. Тој не зборуваше ‘ова не е погодно тло за градење’. Тој е мафијаш, кој зборуваше ‘немој да градите или ќе бидам присилен тоа да го урнам’. Знаеше која сила ќе се користи, истакна обвинителот Тигер, зборувајќи за геноцидната намера на обвинетиот.
Обвинителството на почетокот на изнесувањето на завршниот збор наведе дека одбраната на Караџиќ сета одговорност се обидува да ја префрли на паравоените сили: „Муслиманите биле лошо третирани не само од страна на Аркановците и Билите орли, туку и од страна на српската полиција. Муслиманите се апсени, одведувани во логори, а за тоа не се одговорни само паравоените сили“.
Обвинителот објасни дека во БиХ недвосмислено е извршен геноцид, бидејќи се било пресметано и испланирано.
-Во овој случај несомнено е дека геноцидот е масовно извршен. Доказите се толку големи што тоа е очигледно. Луѓето се масовно убивани, уништувани им се домовите, религиските објекти… тоа се недвосмислени докази дека оваа заедница е намерно уништувана, истакна обвинителот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.