Заинтересираните граѓани кои сакаат да дојдат до свој дом преку проектот „Купи куќа купи стан“ имаат на располагање станови изградени од приватните градежни компании и од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Најголема е понудата во Скопје, каде и интересот е најголем, а цената е до 900 евра по метар квадратен, како што е определено во проектот. Статистичките податоци покажуваат дека лани биле изградени над 6.000 станови, а само во јули годинава се издадени одобенија за изградба на 314 станови.
Директорот на Акционерското друштво за стопанисување и изградба на станбен и деловен простор Цветко Грозданов информира дека во моментов располагаат со 200 станови кои може да се вклучат во владиниот проект, а се лоцирани во Реонскиот центар Аеродром и во Индустриска, на улицата „Трета македонска бригада“. Цената е 795 евра по метар квадратен во Реонски центар и 860 евра во Индустриска.
Додаде дека има дополнителни 158 станови кои се во изградба и кои ќе може да се понудат во рамки на проектот.
– Акционерското друштво со своите станови се вклопува во оваа акција на Министерството за финансии и Владата на Република Македонија. Во изминатиов период имавме одлична соработка и можам да кажам дека добар број од нашите продадени станови ги продадовме преку проектот „Купи куќа, купи стан“, изјави Грозданов и додаде дека и натаму се отворени за соработка, бидејќи, како што вели, Владата на Република Македонија им дава поволности на граѓаните како помош или субвенција со што дошле првпат до стан.
Го поздрави продолжувањето на рокот за проектот „Купи куќа, купи стан“ и додаде дека е издржан бидејќи цената на чинење на станот е реална.
Досега е задоволен од бројот на станови кои се продадени преку овој проект и очекува граѓаните да бидат уште повеќе мотивирани од последното дополнително намалување на каматната стапка на кредитот.
Според Ванчо Чифиганец, сопственик на „Адора инженеринг“, ова е проект кој е од интерес и за купувачите и за производителите на градежни материјали и за инвеститорите кои продаваат станови, бидејќи влијае на раздвижување на пазарот и се прави голем финансиски економски обрт.
Потенцира дека интересот на граѓаните за купување станови кои тие ги имаат секоја година на располагање преку овој проект е голем. Досега имаат продадено 40 станови во Скопје и неколку во Охрид.
Истакна дека располагаат со станови во Аеродром и Ново Лисиче кои се вклопуваат во проектот кој, како што посочува, им овозможува на граѓаните да дојдат до висококвалитетни станови.
– Вклучувањето во проектот „Купи куќа, купи стан“ е со минимален профит, а некогаш можеби работиме и без профит, но со цел да се вклопиле во севкупниот македонски економски амбиент затоа што ако Владата може да даде бенефиции, да го субвенционира нашиот купувач, и ние инвеститорите дополнително влегуваме во тоа. Заедничкиот јазик и заедничките привилегии кои ги имаат купувачите не се само од страна на Владата на Република Македонија, туку и од страна на инвеститорите. „Адора инженеринг“ веднаш се вклопи во проектот „Купи куќа, купи стан“ затоа што се прави голем финансиски економски обрт на целокупната економија, изјави Чифлиганец.
Преку проектот досега 331 семејство го решиле станбеното прашање. Граѓаните повеќе се решаваат за купување стан. Од 331 семејство, околу 270-280 се одлучиле за стан.
Се нудат два модела. Едниот е „половина рата“ каде што граѓанинот учествува со половина средства за ратата, другиот државата го обезбедува учеството за добивање кредит.
Од неодамна се намалија и каматите на овој кредит така што во моментов тие се 3,95 проценти за првите три години и 4,44 проценти за четвртата и петтата година и се најниски на пазарот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Граѓаните и догодина ќе аплицираат за „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“
-
Во Василево има работа за сите: Во четирите индустриски зони вработени се 95% жители
-
Проектите на македонската влада успешно се копираат и се спроведуваат и во регионот
-
Ставрески: Отворивме 33 канцеларии за проектот „Купи куќа за млади“