Утре во Будва, Црна Гора, надлежните министри за телекомуникации од Македонија, Србија, БиХ, Црна Гора и Албанија во рамките на конференцијата „Инфофест“ ќе ја потпишат спогодбата со која цените на роамингот во овие држави ќе се спуштат на нивото што го имаат земјите-членки на Европската Унија.
Се поголеми се изгледите дека соседите од регионот ќе се разговараат по пониска цела. Во тек е создавање на правна основа за реализација на договорот меѓу овие земји, кој подразбира постепено укинување на цената на роамингот.
Kолку за пример, сега минута разговор во роаминг додека сте во Албанија или во Србија ќе ве чини од 80 до 150 денари, една СМС-порака од 17 до 20 денари, а цената на мобилниот интернет се движи од 120 денари до 980 денари за еден мегабајт-податоци во зависност на кој оператор сте приклучени во странство.
Целта е цените да се усогласат со тие што се пропишани во роаминг-регулативата на Европската комисија, односно тие да изнесуваат за една минута разговор во роаминг не повеќе од 11 денари, за еден СМС не повеќе од 3,5 денари и еден мегабајт-интернет во роаминг да не биде повеќе од 12 денари.
Договорот за намалување на цената на роамингот предвидува измена на законот, со што мобилните оператори ќе можат да ги укинат услугите за роаминг во државите во регионот, кои ќе го потпишат договорот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.