Тимур Дибиров беше еден од творците на победата на Вардар против Целје Пивоварна, со 11 погодоци е на врвот на листата на стрелците на мечот во Словенија, а голот што го постигна од крилна позиција во второто полувреме е за аналите на светскиот ракомет. Рускиот интернационалец во Вардар го постигна и последниот погодок за „црвено-црните“ што конечно го скрши отпорот на жилавите домаќини.
Вардар славеше со 27-26, а Дибиров во изјавата по натпреварот не заборави да го спомене јунакот на победата голманот Арпад Штербик, кој одбрани дури 21 удар на ракометарите на Целје.
„Како брани Штербик, немам зборови, секоја чест. Очекувавме тежок и напорен меч и токму така и се одвиваа работите. Важни се бодовите, а во Целје е секогаш тешко да се победи“, изјави Дибиров.
Вардар имаше негатива и од 6 гола разлика во првото полувреме, но дрим-тимот од Скопје покажа цврст карактер и огромна желба за победа, што конечно ја оствари со одлична игра во финишот на мечот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.