| четврток, 6 декември 2018 |

Нема кредит дури и ако должите само за кирија

биро

Граѓаните не ќе може да добијат кредит, ако сметките за комуналии и долговите по кредитни картички не им се намирени, ако должат за кирија, на стоматолог, на јавни здравствени установи или здруженија. А закупецот на стан, на пример, ќе може да ви ги прочешла сите долгови, пред да одлучи дали да ви го изнајми станот или дуќанот, пишува Дневник.
Ова го предвидуваат предлог-измените на Законот за Kредитното биро, кои се влезени во владина процедура. Според предложеното, тоа ќе значи дека Kредитното биро ќе ги има на тацна, но и ќе ги „нуди“ сите ваши долгови како на банките, на комуналните претпријатија и на УЈП, така и на закуподавците, на здравствените установи и на низа други правни лица. А вашето досие ќе биде достапно и за странските кредитни бироа. Со законските измени речиси секој ќе може да прави „рендген“ на вашите долгови кон секого пред да процени дали да прави бизнис со вас или не.
Од Македонското кредитно биро кое првично беше наменето за услуги само за банките, не ги коментираат измените се додека не ја видат финалната верзија која ќе ја усвои владата.
Во предлог-измените до кои дојде „Дневник“ се вели дека се проширува опсегот на давателите, а со тоа и на корисници на податоците – со финансиските друштва, физички лица кои вршат одредена дејност (стоматолози, закуподаватели) или правни лица – како јавни здравствени установи, здруженија и слично
– Измената на Законот е резултат на потребата да се прошири опфатот на даватели и корисници на податоците, а со тоа и да се зголеми опсегот на податоците што ќе ги нуди Kредитното биро. Се прецизира дека за давањето податоци е потребна согласност само ако субјектот (давател или корисник на податоците на податоци) е физичко лице, а не и правно лице, бидејќи правните лица не подлежат на Законот за заштитата на личните податоци. Исто така, се дава можност податоците од Kредитното биро да ги користат и странски кредитни бироа на база на реципроцитет – стои во образложението на предложените измени.
Kредитното биро и до сега правеше рендген на сите долгови на граѓаните кои тропнале на вратата од банките за да побараат услуга во вид на кредит. Така, досега во кредитното досие на граѓаните влегуваа неплатени сметки за вода, струја, парно, телефон, неплатени даноци или рати за кредити или лизинг. Потоа банката врз основа на овие податоци за вашите долгови и дали имате навика редовно да ги плаќате обврските или да доцните, проценуваше дали вие сте клиент за неа или не.
Покрај банките и граѓаните и фирмите може да побараат извештај за себе за да видат случајно да не имаат заостанат долг некаде кој ја руши нивната кредитоспособност.
Инаку, Македонското кредитно биро и досега беше понапредно со податоците кои ги собираше од ваквите бироа на државите на Балканот, бидејќи кај нив таму се користеа само податоците, односно долговите на граѓаните само од банките, а не и од комуналните претпријатија, лизинг компании, или кон УЈП.
Неодамна и српските медиуми објавија дека и кај нив се подготвува ваква новина со која кредитниот регистер ќе има поголем опфат на податоци за долговите на Србите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top