Боксерски клуб Водно – Скопје организира голема професионална боксерска ревија на 27 септември (сабота) во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 20 часот. Ревијата е од меѓународен карактер, а ќе учествуваат и боксери од Бугарија и од Грција.
Боксерски клуб Водно првпат во Скопје ќе го претстави и еден од најголемите надежи на македонскиот професионален бокс Драгомир Кајевиќ, кој ќе боксува во тешка (крузер) категорија до 91 кг со Шарилис Малихудис од Грција како главна борба на вечерта. Боксерската ревија е збогатена и со атрактивна борба на две исклучително квалитетни и талентирани боксерки од Грција и од Бугарија во лесна категорија до 60 кг.
Младиот Кајевиќ е во одлична форма, со 2 победи во Прилеп и во Софија во последните 4 месеци како и стекнато големо искуство во Хамбург, Германија, каде што беше спаринг-партнер на големи имиња во светскиот бокс, како актуелниот (крузер категорија) шампион во ВБO дивизија Нури Сефери.
БК Водно е најуспешниот клуб во Македонија во професионалниот бокс кој го води тренерот Миле Смилески и е генератор на млади таленти и реномирани имиња, како Тони Насковски и Тони Јаневски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


