
„Чувството на брадата“, чија премиера во Театар Комедија е закажана за утре, 20 часот, е последната премиера за оваа година на оваа национална установа. Автор на текстот е Русинката Ксенија Драгунска, а режисер е Србинот Борис Лијешевиќ. Во претставата настапува целиот ансамбл на Театар Комедија: Кристина Ласовска, Нина Деан, Жарко Димоски, Зорица Нушева, Ердоан Максут, Роберт Ристов, Едмонд Сотир, Валентино Костадиновски, Ева Скендеровска, Илија Илиоски, Крсте Јовановска и Атанас Атанасовски. Сценограф е Валентин Светозарев, а костимографијата е на Илина Ангеловска.

Руската авторка Драгунска првпат се поставува во Македонија, а првпат кај нас режира и Лијешевиќ.
– Многу сум среќна што Театар Кокмедија повторно е пионер во своето дејствување со носењето на овие две нови имиња за македонскиот театар. Оваа претстава беше голем предизвик за сите. Ова е мултинационален проект – вели директорката на Театар комедија, Јелена Жугиќ.

Според неа, „Чувството на брадата“ е една атипично драмско дело, каде што има отсуство на дијалог, што било предизвик за работа за сите.
– Според мене, оваа претстава ќе биде јаготка на шлагот во репертоарот на Театар Комедија. Ние почнавме со класичен репертоар, поставивме текстови на Оскар Вајлд и Вилијам Шекспир, сега имаме претстава чиј автор е најголемиот жив руски писател – вели Жугиќ.
Авторката Ксенија Драгунска изјави дека Македонија и Русија се две православни, братски земји и дека многу ѝ е драго што нејзиниот текст е еден од ретките современи руски текстови во Македонија, и сигурна е дека нејзините колеги во Русија ќе ѝ завидуваат.

– Ова е лирична комедија или трагична комедија. Кога првпат беше поставена, гледачите во публиката плачеа. „Чувството на брадата“ е слика за руските села – вели Драгунска.
Пиесата „Чувството на брадата“ првпат била поставена во театар во Москва и веќе 14 години се игра на сцените во овој град.
Нејзиниот текст зборува за мистичните предели на селските средини во централна Русија. Во втората половина на минатиот век се мислело за исушувањето на мочуриштата и за пренамена на тоа земјиште за покоросни цели. Набрзо потоа се покажуваат последиците – промена на микрокилимата, неможноста на истекување на водата, чести поплави и неповратно пропаѓање на најавтентичните птици и инсекти кои живеат во мочуриштата.
Режисерот Борис Лијешевиќ рече дека му е драго што Театар Комедија и Јелена Жугиќ го повикале да работи во еден нов театар и со нов ансамбл.

– Знам колку е тешко да се оформи еден нов ансмбл, да му се вдахне дух, и дека за тоа е потребно многу време. Сметам дека е добро кога доаѓаат гости режисери затоа што тие зборуваат на странски театарски јазик и голем е предизивикот ансамблот и режисерот гостин да најдат заеднички театарски јазик. Многу сум среќен што соработував со овие млади луѓе и што научив многу работи од нив и тие од мене – изјави Лијешевиќ.
Светот на Ксенија Драгунска во текстот „Чувството на брадата“ потсетува на мочуриштето кое многу луѓе би сакале да го исушат и асфалтираат и на тоа место да подигнат бетонски објекти, без да се запрашаат што се губи со тоа. Главната хероина нѐ носи во еден чуден, опасен, непредвидлив, ама во исто време поетичен, духовит, неодолив, автентичен и неповторлив свет. Свет кој крие чудовиште, но и бисери. Не треба да се плашиме од нашите мочуришта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Култната „Викенд на мртовци“ премиерно на сцената на Ттеатар Комедија
-
По пауза од 25 години Коле Ангеловски повторно ја режира „Не сега, драга“, сега за шестиот роденден на Театар Комедија
-
Коле Ангеловски ја режира „Не сега, драга“ во Театар Комедија
-
Синиша Евтимов во Театар Комедија ја подготвува претставата „Жена ми се вика Борис“


