Градот Скопје и општините Богданци, Гази Баба и Прилеп денеска потпишаа договор за вклучување во проектот „Сертификација на општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа“.
Доколку ги исполнат 12. критериуми ќе се стекнат со овој сертификат, кој, според заменик-министер за локална самоуправа, Љупчо Пренџов, ќе им овозможи да бидат конкурентни во државата и надвор од неа, што, пак, е голема придобивка за општините, но и за државата.
– Минатата година општините Велес и Струмица беа рангирани за најдобри како профил на општина со екипирана, обучена и квалитетна администрација, која може да понуди квалитетен сервис на граѓаните. Градоначалниците и администрациите нa сертифицираните општини ќе имаат комуникација со општини, администрации, бизнис лобија и стопански комори од регионот. Се надевам дека ќе имаат конкретни резултати и дека граѓаните преку општинските раководства ќе имаат поголем бенифит со тоа што ќе се донесат нови инвестиции и ќе се отворат нови перспективи во локалните самоуправи во Република Македонија – рече Пренџов.
Сертификацијата за претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, претставува печат за квалитет на секоја општина и е добар показател за секој потенцијален инвеститор дека општината има добра квалитетна инфраструктура, квалитетна и ефикасна администрација и претставува добро деловно опкружување за секој што сака да инвестира.
– Верувам дека економски јака општина е предизвик за секој градоначалник. Општините Велес и Струмица создадоа поволна бизнис клима. Стабилна и економски развиена општина е предуслов за привлекување инвестиции. Деловните соработници кои се заинтересирани за инвестиции во општините во нашата земја, често ги упатуваме во општините, кои имаат сертификат за квалитет, затоа што сме сигурни во условите што ги нудат за водење бизнис – подвлече Арсовска.
Процесот на сертификација, според скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС, Коце Трајановски, е обемен, макотрпен и бара голема посветеност, ангажираност и тимска работа од општината која учествува во проектот.
– За да се стекнеме со овој сертификат, локалната самоуправа мора да ги исполни 12-те критериуми и успешно да ги мине фазите евалуација, имплементација и верификација на потребните резултати. Тоа е сложен процес, што бара многу вложување, дополнителна работа и активности на општинската администрација – истакна Трајановски.
Сертифицираната општина која вложила во воспоставувањето на стандардизирани услуги, додаде Трајановски, индиректно придонесува и за подобрување на климата за вработување на својата територија, а влијае и на отворање на нови работни места и подобар живот за граѓаните.
Во пилот фазата која се спроведуваше до јули 2013 година беа вклучени четири општини, но само две, односно Велес и Струмица го поминаа процесот и се стекнаа со сертификатот за општини со поволно деловно опкружување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Поделбата на општините клучна за колицијата меѓу СДСМ и ДУИ: Заев ги сака Арачиново, Студеничани и Чаир
-
Во Маврово-Ростуше, Врапчиште и Гостивар гласаат 218 болни и изнемоштени лица
-
Aлбанските општини од регионов формираа Унија
-
Комитетот на региони на ЕУ и Република Македонија: Догодина проект од 2,2 милиони евра за поддршка на општините