| четврток, 6 декември 2018 |

Елизабета Канческа-Милевска: Откупот на уметничките дела го збогатува националниот фонд

Во Порта Македонија денеска беа презентирани резултатите од првиот откуп на уметнички дела кој Министерството за култура го објави на крајот на минатата година.

-Откупот на уметничките дела е една од стимулативните мерки со кои имавме интенција да го збогатиме националниот фонд на дела, да го поттикнеме домашното уметничко творештво и да ја афирмираме уште понагласено улогата и статусот на авторот. Ќе ве потсетам дека неодамна ги објавивме и резултатите од конкурсот за откуп на музички композиции кој ќе овозможи трикратно зголемување на продукцијата на музичките дела од областа на класичната музика во Република Македонија, како и резултатите од конкурсот за странски издавачи преку кој обезбедуваме еден соодветен третман на нашите автори кај странските издавачки куќи и ефективно го промовираме македонското литературно творештво во меѓународен контекст. Откупот на уметничките дела од друга страна ценевме дека ќе ги унапреди состојбите во ликовната дејност кај нас, ќе овозможи дополнување на музејските збирки на нашите институции со вредни содржини, а воедно авторите ќе се стимулираат да создаваат поголема, квалитетна продукција, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

На конкурсот за откуп на уметнички дела до Министерството за култура пристигнале вкупно 228 пријави за 605 дела кои биле разгледани и оценети од стручна комисија во состав:Викторија Васева–Димеска, Захаринка Алексоска-Бачева, Маја Неделковска-Брзанова, Сафет Ахмети и Конча Пирковска. Според јасно утврдените критериуми и потребите на институциите комисијата извршила избор на дела на 54 автори кои дале исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, автори потврдени промотори, иницијатори на одредени појави, движења и стилови во националната ликовна уметност, уметници кои учествувале на значајни групни изложби или манифестации во земјава и во странство, како и дела од млади уметници со истакнат ликовен израз. Дел од авторите чии дела ќе бидат откупени во овој прв конкурсен рок се: Ристо Калчевски, Томо Шијак, Лена Стефанова, Тоде Ивановски, Методија Ивановски-Менде, Григор Чемерски, Вељо Ташовски, Симон Шемов, Милош Коџоман, Рубенс Корубин, Антони Мазневски,Ацо Станковски, Томе Аџиевски, Жанета Вангели, Решат Амети, Благоја Маневски, Дита Старова, Атанас Ботев и многу други уметници од Република Македонија.

Ликовната уметност е значаен сегмент во културната политика на Министерството за култура министерката изрази уверување дека и во иднина ќе реализира проекти и ќе спроведе повеќе мерки кои ќе овозможат перманентно збогатување на музејските поставки на нашите институции како и уредување на простори на значајни институции не само од областа на културата во нашата држава. -Како што знаете Министерството за редовно редовно во Годишната програма издвојува средства за поддршка на проектите на ликовните уметници во нашата држава. Со задоволство ќе забележам дека буџетот за оваа дејност во 2015 година ќе биде двојно зголемен од буџетот за 2014 година , а нема да изостане и поддршката за претставување на македонските автори на реномираните манифестации во странство, културно-информативните центри во Софија и Њујорк како и престојот во атељето во Париз. Верувам дека на овој начин уште повеќе ќе ги стимулираме македонските уметници да создаваат дела кои квалитетно ќе го градат историскиот континуитет на современото национално македонско творештво. Наша обврска е да водиме грижа за актуелното творештво и културното наследство кое го поседуваме како држава и да создадеме услови за помасовна дистрибуција и рецепција на културните вредности на македонската уметност од страна на нашите граѓани и посетителите од странство. Денеска со нас се дел од авторите чии дела ќе бидат откупени и би сакала да им се заблагодарам за присуството. Посебна благодарност би сакала да упатам и до членовите на комисијата која го изврши изборот на делата. На крајот би сакала да информирам дека до крајот на месец септември ќе биде објавен и новиот конкурс за откуп на дела за 2015 година, рече Канческа-Милевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top