| четврток, 6 декември 2018 |

Министерството за култура ќе откупува скулптури од македонски автори

Министерството за култура првпат ќе распише конкурс за откуп на скулптури од галериски формат од македонски автори кои се врвни во своето творештво или млади творци со особен уметнички израз. Конкурсот ќе биде објавен во ноември годинава и ќе трае до крајот на јануари 2015. Ќе се распишува секоја година во исто време и за него Министерството годишно ќе одвојува по 4 милиони денари. Пријавените трудови ќе ги оценува и селектира стручна комисија. Поектот е дел од Националната стратегија за култура 2013-2017 и има цел да го стимулира овој вид уметничко творештво и да го унапреди статусот на скулпторите.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска го најави конкурсот денеска на прес-конференција, истакнувајќи дека очекува со него да се создадат квалитетни скулпторски дела.

– Овој проект перманентно ќе ги збогати музејските поставки на нашите институции со скулптури од галериски формат и ќе ги поттикне македонските уметници да создаваат дела кои квалитетно ќе го градат историскиот континуитет на современото национално македонско творештво. Преку него повторно ќе ја потврдиме нашата грижа за актуелното творештво и културното наследство кое го поседуваме како држава и ќе овозможиме услови за помасовна дистрибуција и рецепција на културните вредности на македонската уметност од страна на нашите граѓани и посетителите од странство, рече Канческа-Милевска.

Новата иницијативата на Министерството за култура ја поздравија петмина познати автори и професори на Факултетот за ликовна уметност кои присуствуваа на прес-конференцијата – Васил Василев, Ибраим Беди, Жарко Башески, Томе Аџиевски и Исмет Рамичевиќ. Според нив, со организирано и институционално промовирање на салонската скулптура првпат се вреднува нивниот труд, што не се случило повеќе од три децении, а и порано тоа биле само инцидентни обиди. Сметаат дека тоа не е залуден чекор, дека за овој вид скулптура има многу неискористетни простори и дека со овој потег таа нема да заврши во музејските депоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top