| четврток, 6 декември 2018 |

Четворица скопјани проневериле 750.000 евра

finansiska

Финансиската полиција во соработка со Управата за јавни приходи разби група на измамници од Скопје кои со разни малверзации за неколку години успеале да се стекнат со неоснован поврат на ДДВ од над 750.000 евра за кој износ го оштетиле Буџетот на Република Македонија. Уапсените се товарат дека сториле кривично дело измама, поттикнување, помагање и фалсификување и уништување деловни книги казниви по Кривичниот законик на Република Македонија.

Мозок и главен организатор на измамата според податоците  кои  ги објавува е Финансиската полиција во текот на предистражната постапка е З.З(54) од Скопје, вработен во сметководственото биро МАК КОНСАЛТИНГ ДООЕЛ од Скопје кое е во сопственост на неговата сопруга.
Првопријавениот З.З(54) како вработен сметководител во правното лице МАК КОНСАЛТИНГ ДООЕЛ, Скопје, преку фирмите МАРТОМ ДООЕЛ, Скопје, БОР-ЗО ИНЖИНЕРИНГ ДОО експорт – импорт Скопје, ЈОМИ КРЕАТИВ СОЛУШНС ДОО Скопје, СТАЈКОВИЌ ПРЕВОЗ Скопје, ВИЗУС ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДОО Скопје ДРВОКОНЕКТ ДООЕЛ Скопје и ИВКОВ КОМПАНИ Скопје поттикнат од второпријавениот В.Б(63), третопријавениот Б.К(42) и четвртопријавениот В.Б(42) во периодот од 2008 до 2013 година во ДДВ пријавите кои ги доставил до Управата за јавни приходи прикажал фалсификувани податоци за влезниот промет, на кој начин противзаконски и неосновано извршил поврат на ДДВ во износ од приближно 750.000 евра.

Во дел од наведените фирми првопријавениот бил управител а во дел ја злоупотребил својата позиција на овластен сметководител и без знаење на сопствениците на истите, изготвувал и доставувал фалсификувани ДДВ пријави до Управата за јавни приходи, а потоа лично од сметките на фирмите ги подигал паричните средства добиени од повратот на ДДВ.
За да ги затскрие трагите на кривичното дело и да ја избегне кривичната одговорност, првопријавениот З.З(54) ја употребил добро разработената и позната шема на затајувачите на данок, па дел од своите фирми ги префрлил на државјани на Република Бугарија а во дел од фирмите како подигач на парите и управител го назначил лицето Тодор Александров Паскалиев, наводен државјанин на Република Бугарија за кој по извршените проверки од ИНТЕРПОЛ Бугарија се утврди дека е непостоечко лице со фалсификуван бугарски пасош.
Паричните средства од неоснованите поврати за ДДВ, пријавените ги користеле за лични потреби овозможувајќи си себеси и на своите семејства луксузен живот со купување на скапи куќи и автомобили.

Во текот на акцијата, Финансиската полиција не успеа да го лиши од слобода петопријавениот измамник за кој постојат информации дека е надвор од територијата на Република Македонија заради што по истиот дополнително ќе се трага со распишување на меѓународна потерница.

Финансиската полиција и Управата за јавни приходи и во периодот кој следи ќе продолжат со координирани активности во насока на целосно расчистување на случајот и казнување на организаторите и извршителите на овие кривични делa кои се директно на штета на државниот буџет, се вели во соопштението на управата за финансика полиција.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top