Енди Мареј и гигантот во сферата на осигурителниот бизнис „Стандард лајф“ ќе ја продолжат соработката, иако на референдумот за независност на Шкотска беа на спротивните страни. Раководството на „Стандард лајф“ ја поддржа иницијативата за останување на Шкотска во рамките на Унијата, односно отворено беше на страната на опцијата „Не“ за независност на „храбрите срца“, а Мареј последниот ден пред референдумот ги повика сонародниците да гласаат „За“ независност.
Двете страни се партнери во хотелот „Кромикс“, а Мареј има спонзорски договор со осигурителната компанија вреден 4,5 милиони фунти за три години. Седиштето на „Стандард лајф“ е во Единбург, главниот град на Шкотска, а се закани дека комплетно ќе го пресели бизнисот во Англија, ако дојдеше до „растурање на бракот“ меѓу Шкотите и Унијата.
Референдумот мина со поволен исход за Велика Британија, а соработката на спротивставените страни продолжи без проблеми. „Стандард лајф“ закупи 15 соби во хотелот на Мареј за свои гости, кои ќе присуствуваат на престижниот голф турнир „Рајдер куп“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


