
Франција е земја во фокусот на четвртото издание на Неделата на дизјанот во Скопје, која почнува вечерва во Куршумли-ан во Старата скопска чаршија и ќе трае до 28 септември. Годинешното мото е „Четврта смена“, а програмата е составена од активности кои ќе почнуваат во 10 часот претпладне, а ќе траат до доцна во ноќта.
– Бидејќи оваа година Франција е земја во фокусот, идејата е да се претстави францускиот дизајн, да се презентира нешто што е поинаку, да се презентираат дизајнерите на француската сцена. Идејата стана конкретна во април, а фокусот е на француското младо творештво, да се покаже францускиот дух во различни области – модата, изработката на мебел, накит, гастрономијата. Неделата на дизјан во Скопје е одлична шанса да се воспостави врска меѓу француските и македонските дизајнери – изјави амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер.
По отворањето на 23 септември, во 20 часот, во наредните пет дена ќе следува интензивен ритам на паралелни и последователни програмски целини во кои се опфатени дизајнерски бизнис и едукативни презентации. Меѓу другото, ќе има и презентација и дегустација на француската кујна, а тоа ќе го стори Оливие Рош, готвач во ресторанот „Летанжер“ во Софија.
Новина во ова издание на Неделата на дизајнот во Скопје е што ќе се случи основачка конференција на Балканска дизајнерска мрежа, најави Александар Велиновски, директор на Неделата на дизајн во Скопје.
На годинешното издание ќе има експо-зона, патувачки и некомерцијални изложби, работилници и панел-дискусии, „Гастро талент зона“ на „Барбакан“, новата форма на фестивал во фестивал со „ Тело, ум и дух“ (Body, mind and spirit), промоција на иницијативи со кои ќе се зацврсти претприемачкиот дух во насока на соработка помеѓу деловниот сектор и креативната индустрија, но и целовечерни диџеј-сетови на српски и македонски диџеи во забавниот сегмент на Неделата на дизајнот во Скопје. Основачката конференција на Балканска дизајнерска мрежа ќе се одржи на 24 и 25 септември. Балканската дизајнерска мрежа во првите две години од постоењето ќе се отвори кон сите дизајн-платформи, компании, студија, поедници и институции кои се тесноповрзани со дизајн на производи и кои сакаат да придонесат за развојот на дизајнерската сцена во регионот со цел да се оствари заедничката мисија.
Неделата на дизајн во Скопје ќе даде можност да се стекнат и практични вештини во повеќе области на продукт-дизајнот. Во забавниот сегмент потврдени се настапите на „Мјустрап“, „Лејт фор кофи“, „Лорна винг“, „Луз азул“, „Заа“, „Нејкед“, диџеј Ачим и диџеј Мед Хатер од Србија и македонските диџеи Флудер, Флуид, Васо и Томи Бојаџи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


