Манчестер јунајтед потроши огромна сума пари во летниот преоден рок, платите на играчите надминаа 200 милиони фунти на годишно ниво, но тимот не игра добро и се наоѓа во средината на табелата во Премиерлигата. Особено тежок беше поразот од Лестер во последното коло кога „црвените ѓаволи“ прокоцкаа предност од 3-1 и загубија со 3-5.
Таквите пресврти на штета на Јунајтед беа речиси незамисливи во златната ера на тимот под команда на сер Алекс Фергусон. Луј ван Гал на почетокот не се снаоѓа иако тимот се засили со суперѕвезди од калибарот на Фалкао и Ди Марија, а ги има и Ван Перси, Руни, Мата…
Најмногу чкрипи во одбраната, па поранешниот бек на тимот Фил Невил смета дека Манчестер ќе мора да потроши дополнителни 100 милиони фунти за да го засили последниот бедем пред голманот Де Хеа.
– Многу пари се потрошија во летниот преоден рок, но ќе мора да се вложат дополнителни 100 милиони фунти за тимот да може да конкурира за титулата – вели Невил.
Суботиќ, Матип, Хумелс, Годин, Влар….. и уште неколку имиња се на листата посакувани засилувања за Јунајтед, а кој би пристигнал на „Олд трафорд“ во зимскиот преоден рок ќе одлучи Ван Гал. Секако, ако дотогаш ја зачува позицијата тренер на „црвените ѓаволи“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


