Пет девојчиња на возраст од само 14 години се породиле во 2013 година во скопските гинеколошки клиники и болници. Децата што родиле деца живеат во скопските општини Kарпош, Гази баба, Чаир, Шуто Оризари, а едно девојче е од Свети Николе и дошло во Скопје за да се породи, пишува Дневник.
Сите тие девојчиња се родени во 1999 година, значи дека кога ја добиле својата прва рожба во 2013 година, имале само 14 години, некои ни толку. Сега, една година откако се породиле, младите мајки веќе ги проодуваат своите годиначиња, а нема информации дали тие се самохрани или и татко се грижи за детето што дошло на свет.
Не се знае ниту дали мајките по деветмесечното отсуство, го продолжиле „престојот“ во училиштата или мора да работат со завршено само основно училиште за да ги прехранат своите првенчиња.
Д-р Мендух Јегени, директор на Специјалната болница за гинекологија во Чаир, каде што се породило едно од девојчињата, опоменува кој е ризикот и за гинеколошкото здравје и за нив.
– Kога девојче има само 14 години, тоа е се уште дете, кое се уште расте и се развива, зашто се одвиваат некои физиолошки процеси, а хормоните работат. Kога на оваа возраст ќе дојде до бременост, која секако не е болест, тоа секако е голем товар за организмот, во овие случаи, на децата. Kај нив, кога ќе останат бремени, иако се на таа возраст, се одвиваат многу физиолошки функции типични за жената. Со оглед на незрелоста на некои системи, со бременоста овие девојчиња прво го ризикуваат своето, а потоа и здравјето на детето што ќе се роди – појаснува д-р Јегени.
Тој посочува на компликации што може да се јават.
– Најчесто се јавува прееклампсија – висок крвен притисок – со сите форми и компликации, кои може да им го загрозат животот и на родилката и на плодот! А породувањата кај сите помлади прворотки, жени што немаа ниту 18 години, во принцип, ги завршуваме со царски рез. Тоа е за нивна поголема безбедност, иако и таа интервенција носи ризик. Значи, оваа категорија на родилки помлади од 18 години, а особено оние до 15 години, спаѓаат во група на високоризични бремености. Затоа малолетничките мора да внимаваат и да се штитат од несакана бременост – нагласува д-р Јегени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.