Во генерална проба во пресрет на првото коло од Лигата на шампионите во ракомет, играчите на Металург во натпревар во рамките од СЕХА лигата беа високо поразени на гостувањето во Унгарија против Веспрем со 33-21.
Ова е втор пораз на Металург во четвртиот натпревар. Тренерот Лино Червар ги поштеди своите најдобри играчи и ги остави во Скопје речиси сите „први“ играчи на македонскиот шампион.
Денеска не беа во составот Дарко Станиќ, Наумче Мојсовски, Ренато Вугринец, Ванчо Димовски, Никола и Велко Маркоски и Ацо Јоноски.
Во текот на целиот натпревар Веспрем ја контролираше играта и од самиот почеток покажа дека Металург нема шанси да освои бодови на ова гостување. Освен во водените минути кога металурзите имаа само два негатива, во остатокот од натпреварот домаќините го полнеа голот на противникот и во еден момент дојдоа до позитива и од 14 голови разлика.
Лука Циндриќ постигна шест голови, а Вуко Борозан додаде четири за Металург, додека за Веспрем најефикасен беше Маргуч со седум погодоци, а Цајц беше стрелец на шест.
Следниот викенд Металург ја започнува Лигата на шампионите на домашен терен против ПСЖ кој е еден од кандидатите за освојување на ова натпреварување оваа сезона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


