Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски очекува дека СДСМ ќе ја надмине својата автодеструктивна политика и по објавувањето на извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија ќе се врати во парламентот, каде активно ќе се вклучи и во собраниската дебата за уставните измени, кои според Вељаноски до крајот на октомври ќе се најдат на гласање на пленарана седница на Собранието.
Претседателот на Собранието, во интервју за Прес24, вели дека продолжувањето на уценувачката политика од СДСМ за техничка влада, ќе значи активирање на прекинатата собраниска седница за верификација на оставките на пратениците од листите на СДСМ.
-Знаете дека на 8 октомври треба да биде објавен Извештајот на Европската комисија, во кој верувам дека Македонија и по шести пат ќе добие препорака за добивање на датум за започнување на преговорите со ЕУ. Така да ако опозицијата не се врати во Парламентот и ако го условуваат политичкиот дијалог со апсурди и пред сé недемократски барања, како што е техничка влада и нови избори, јас ќе свикам продолжување на седницата на која се оставките на пратениците од СДСМ. Сепак врз основа на моето досегашно политичко искуство и практика мислам дека ќе се најде форма и начин опозицијата да се врати во Собранието. Јас искрено посакувам тоа да се случи во еден разумен рок, вели за Прес24, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
За него е апрудрна политиката што ја води опозициската партија, особено најавите за вонинституционално дејствување на некакви паралелни институции.
– Јас не познавам ниту во теоријата, а уште помалку во парламентарната практика, не само во Европа туку и пошироко, партија која освоила на регуларни избори пратенички места да рече, е јас ова не го признавам, не влегувме во Парламентот и ќе создавам некаков си паралелен систем, вели Вељаноски во интервјуто за Прес24.
Дополнителниот проблем, кој се појави по инцидентот во Собранието, напуштањето на работата на парламентот од страна на ДПА, засега е статус кво. Вељановски очекува враќање на пратениците на ДПА во Собранието, за да може да се случи расчистување на инцидентот.
– Додека трае бојкотот на опозицијата мислам дека би било несмислено да се формира посебна анкетна комисија во која, заради ваквиот став на опозицијата, би учествувале само претставници од парламентарното мнозинство, што само по себе е демократски контрадикторно, вели Вељаноски за Прес24.
Претседателот на парламентот и овој пат повикува на политички дијалог, со цел заедничко остварување на “европските врвови на Македонија”, потенцирајќи дека од државен интерес е опозицијата да се врати во Собранието
-Ако останеме во рамките на сувопарни формалности би рекол не, но сепак се чувствува отсуството на опозицијата, посебно во комисиите и другите собраниски тела каде што би требало да се вкрстат копјата и аргументите и на предлагачот на законите и на мнозинството и на опозицијата. Сега, за жал тоа го нема, а одговорноста за ова треба да ја преземе опозицијата која со бојкотирање на Собранието ги нарушува демократските принции на современиот парламентаризам каков што повеќе векови функционира во Европа, вели Претседателот на парламентот, одговараќи дали се чувствува отсуството на опозицијата во Собранието.
Она, што според Вељаноски радува е што пратеничките од опозицијата кои ги прифатија мандатите се активно вклучени во работата на Парламентот.
-Иако не се чувствувам повикан да го оценувам нивното учество во работата на собранието, сепак морам да истакнам дека е исклучително забележлива нивната посветеност и активност во соодветните собраниски тела и комисии каде што тие се членови, како и на пленарните седници. Во оваа смисла, верувам дека веќе и јавноста нив ги препознава како квалитетни политичари и соодветно на тоа го оценува нивниот анганжман и нивното делување, вели Трајо Вељаноски во интервјуто за Прес24.
Претседателот на Собранието одговара и на обвинувањата на амбасадорот Ристо Никоски за неговиот говор по повод независноста на Македонија.
Целото интервју, прочитајте го на ПРЕС 24
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.