Годинава се навршија дваесет години од снимањето на филмот „Форест Гамп“. Филмот е адаптација на сатиричниот роман на Винстон Грум за авантурите на ментално заостанатиот јунак Форест Гамп, чијшто живот тече во непредвидливи насоки и во низа случајни ситуации запознава голем број славни личности и со тоа го менува текот на историјата.
Ова е уште еден пример на незадоволство на писателот од адаптацијата на филмското сценарио. Имено, Винстон Грум бил толку огорчен од тоа како неговата книга била прикажана на филм, што изјавил дека човек не смее да им дозволи на филмаџиите да направат филм за ничија животна приказна. Авторот не бил задоволен бидејќи голем дел од книгата не бил прикажан на екранот. Исто така, Грум го тужел филмското студио за три проценти од профитот што му биле ветени, но кои не ги добил затоа што продуцентите тврделе дека благодарение на трошоците на филмот не бил остварен профит. Како врв на сè, името на Грум воопшто не било споменато на доделувањето на наградата „Оскар“.
Нема човек што не го гледал овој филм, но не знаат сите како настанала една од најпознатите сцени.Том Хенкс, ѕвездата на филмот „Форест Гамп“ во една пригода изјавил дека снимањето на овој филм ги разбило сите дотогаш постојни правила за снимање филмови. Тука нема главен негативец, не е структуиран во три чина, а главниот лик не поминува низ драматични промени. Филмот, едноставно, ги следи авантурите на ментално заостанатиот човек кому му успеало да остане запаметен. Филмот доби „Оскар“ за најдобар филм, најдобар актер и за најдобар режисер.
Меѓутоа, иако на почетокот беше фален, денеска ситуацијата е многу поинаква. Имено, многумина сметаат дека тоа е еден од најслабите добитници на „Оскар“. Без оглед на тоа што мислат за филмот, на многумина им се врежа во меморијата сцената кога Форест решава да почне со трчање. Додека еден ден седи на својот трем, без каква било посебна причина, решава да направи „мал круг“. Малиот круг наскоро се претвора во малку поголем, а тој во уште поголем. На крајот Форест само продолжува понатаму без да запре. На крајот, неговото трчање се претвора во трчање што трае три години, два месеци, 14 дена и 16 часа низ цела Америка, а во филмот сето тоа трае седум минути.
– Прилично сум уморен. Мислам дека сега ќе си одам дома – рече Гамп на крајот.
Меѓутоа Хенкс, сепак, не се изморил толку додека ги снимал овие сцени бидејќи неговиот брат Џим му служел како двојник на многу маршрути.
Авторите на филмот прво сакале да внесат некои други двојници, но имале проблем со имитирањето на Форестовиот начин на трчање.
– Toа e нашиот глупав начин на трчање, на нас Хенксонови – вели Џим Хенкс.
Форест Гамп е најголемиот филмски јунак на сите времиња. Тој е прогласен за „Најголем филмски јунак на сите времиња“ во истражувањето што го спроведоа телевизијата „Еј-Би-Си“ (ABC) и магазинот „Пипл“ (People) меѓу повеќе од 500.000 гледачи.
Филмот на Роберт Зенекис постигна голем успех и заработи повеќе од 800 милиони долари, а е познат по славната реченица на Гамп: „Животот е како бонбониера, никогаш не знаеш што ќе извлечеш“, како и по „Трчај Форест, трчај“.
Сите тие што го гледале филмот знаат дека изобилува со сцени на кои гледачите, едноставно, не можат да ги додржат солзите, па особено интересно е и да се слушне која сцена била највпечатлива за актерот. Имено, во едно неодамна дадено интервју, актерот Том Хенкс открива која сцена од снимањето на филмот за него била најемотивна.
– Најемотивната сцена во целиот филм е таа кога доаѓа поручникот Ден, со нозете од титаниум, и го запознава Форест со својата жена. Секогаш се расплакувам на оваа сцена – вели Хенкс.
Тој додава и дека во текот на снимањето на сите сцени во кои Форест игра американски фудбал тој, всушност, бил „мртов болен“ од грип.
„Форест Гамп“ на актерот Том Хенкс му го донесе и вториот „Оскар“ во неговата кариера, а воедно овој филм важи и за еден од омилените семејни филмови во Америка и пошироко.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 106. број на неделникот „Република“, 12.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.