| четврток, 6 декември 2018 |

Претставата „Соседи“ е добитник на гран-при на ИТФ „Лица без маски“

unnamed

Претставата „Соседи“, во изведба на театарот „Континуо“ од Маловице, Чешка е добитник на гран-при за најдобра претстава во целина, на седмото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски 2014“, посветен на независната професионална театарска продукција.

unnamed (1)

Жири-комисијата во состав: Наташа Поплавска, режисер, воедно и претседател на комисијата, Снежана Коневска-Руси, актерка и режисерка, и Иванка Апостолова, претседател на ИТИ Македонија, во образложението посочуваат дека претставата „Соседи“ ја добива оваа награда заради својата специфична театарска форма, тотален театар во која умешно се вплетени, поставени и одиграни различните форми на изведувачката уметност: драма, танц, музика, пеење. Истовремено, актерскиот тим беспрекорно точно, со уиграна актерска игра и заедничка енергија ја пренесоа силно пораката на претставата во која препознавме повеќе театарски жанрови од гротеска, преку комедија, до трагедија.

Оваа претстава е вистински пример на квалитетна и посветена колективна игра помеѓу авторскиот и актерски тим, објаснува жири-комисијата.

Во согласност со начелата на фестивалот, кој промовира алтернативна и експериментална естетика, жири-комисијата реши и наградата за најдобра режија да ја доделат на режисерот Павел Штоурац за чешката претстава „Соседи“, која ја плени и македонската публика.

– Режисерот Павел Штоурац преку неговата претстава покажа дека е квалиететен мајстор во режијата, со чист режисерски пристап, особен печат на режисерски израз и концепт кој успешно допира до публиката – се вели во образложението на претставата.

Наградата за најдобро актерско остварување отиде во рацете на Васил Зафирчев, за уникатниот експресивен буто-танц, работен според книгата „Дневникот на хулиганот“, на Сашо Димовски.

– Актерот Васил Зафирчев остави особен печат во актерската игра, експериментирајќи и успешно донесувајќи го на сцена исклучително тешкиот театарски правец – буто-танцот – појаснува жири-комисијта.

Во чест на наградените и гостите на фестивалот, организаторот, независнатапродукција „Театар 007“, ја изведе претставата „Ќелавата пејачка“, со што и официјално беше завршено успешното седмо издание на ИТФ „Лица без маски“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top