Македонската фудбалска репрезентација го повтори „успехот“ од пред 20 години кога го имаше најслабиот рејтинг во историјата. Во 1994 година бевме 117. земја на ранг-листата на ФИФА само четири месеци од приемот во европската куќа на фудбалот.
По високиот пораз од европскиот шампион Шпанија на стартот на квалификациите за Европското првенство во 2016 година, Македонија падна дури 36 места и сега се наоѓа на 112. позиција.
Со овој пласман Македонија падна на осмото место на најслаби репрезентации на стариот континент, рамо до рамо со Луксембург, Лихтенштајн, Сан Марино, Фарски Острови, Андора и новопримената членка Гибралтар.
На врвот на листата е Германија, која е актуелен светски шампион заедно со финалистот од Бразил, Аргентина, која е на второто место. Колумбија бележи скок и сега е трета. Во топ 10 репрезентации уште се наоѓаат Холандија, Белгија, Бразил, Уругвај, Шпанија, Франција и Швајцарија.
Од нашата група во квалификациите за ЕП 2016, Шпанија е деветта, Украина е 24 место, Словачка на 40, Белорусија е на 89. место и Луксембург на 127. Токму против Луксембург, кој е наш следен противник во октомври во вториот натпревар од квалификациите, можеме да ја поправиме позицијата.
Следната листа ФИФА ќе ја објави на 23 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


