| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува посетата на премиерот Груевски на Турција

Премиерот Никола Груевски, заедно со владината делегација во чиј состав се и  министрите без ресор за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески и Фуркан Чако, како и заменик-директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски, ја продолжува посетата на Република Турција, пренесува МИА.

gruevski izmir2

Според агендата ќе учествува на бизнис-форуми во Анкара, Адана и Мерсин.

Вчера премиерот Груевски во Анкара се сретна со претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган и со својот колега, турскиот премиер Ахмет Давитоглу.

Претходно, Груевски учествуваше на бизнис-форуми во градот Ескишехир, индустриската област Коџаели и Измит каде што пред турските стопанственици беа презентирани поволностите што ги нуди Македонија за странските инвеститори, за отворање бизнис и нови работни места.

Турција е меѓу 10-те најзначајни трговски партнери на Македонија. Во 2013 година се најде на 9. место, а странските директни инвестиции во последните две години изнесуваат 44 милиони евра. Турција спаѓа во групата брзорастечки економии во Европа, со пораст на општествениот бруто-производ од четири проценти и е една од 20-те најголеми економии во светот. Водечката улога што ја има оваа земја во областа на изработката на елементи од автомобилската индустрија, електронските уреди, текстилот и градежните материјали ја прават атрактивна дестинација од која може да се преземат искуства, но и во која има потенцијални бизнис партнери кои размислуваат да го прошират својот бизнис надвор од границите на Турција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top